X
 08.05.2019 Здравје

Норвешката министерка за здравство: „Дозволете им на луѓето да пушат, пијат и да јадат црвено месо“

Новоназначената министерка за здравство на Норвешка, Силви Листхауг, која е позната по контроверзии, уште еднаш ја разбранува јавноста откако истакна дека таа не сака да биде морална полиција, туку дека има намера да им дозволи на Норвежаните да уживаат во лошите навики колку што сакаат.

Министерката, која е член на Партијата за прогрес, ги шокира нејзините сограѓани со ставот за исхраната, алкохолот и цигарите.

- Верувам дека на луѓето треба да им се дозволи да пушат, пијат и да јадат црвено месо колку што сакаат. Властите можеби сакаат да информираат, но јас верувам дека луѓето прилично добро знаат што е здраво, а што не е - истакна Листхауг.

Таа додаде дека не планира да биде морална полиција и дека нема да им кажува на луѓето како да си ги живеат животите.

- Наместо тоа, имам намера да им помогнам на луѓето да добијат информации кои ја создаваат основата за правење избор - објасни министерката.

Листхауг додаде и дека таа е сѐ поблагонаклонета кон една одредена група во општеството - пушачите.

- Верувам дека многумина пушачи станаа презрени. Тие чувствуваат дека речиси треба да се кријат и јас верувам дека тоа е глупаво. Иако пушењето не е добро бидејќи е штетно, возрасните имаат право сами да одлучат што да прават - рече 41-годишната министерка, која пуши, но не е активен пушач.


Силви Листхауг
Фото: Wikipedia

Нејзиниот став предизвика многу критики.

- Изгледа дека таа има мало разбирање за тоа што всушност е јавното здравје и која е нејзината задача како министер во таа област - истакна Ане Лисе Риел, генерален секретар на норвешкото друштво за рак.

Таа се плаши дека министерката ќе влијае врз многу Норвежани.

- Ова е лудило. Спротивно на она против што се обидува да работи заедницата. Ова е прилично спротивно од она како работиме во оваа индустрија. Страшно е што доаѓа од министер. Ова ќе го сруши нашето здравство - истакна тренерот и фитнес-активист Анки Еие.

Листхауг, пак, вети дека грижата за постарите ќе биде приоритет. Министерката е мајка на три деца и побожна христијанка.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје