X
 08.05.2023 Наша тема

Ме радува кога ќе видам дека мои студенти се успешни во работата, вели Маја Кикириткова, професорка за моден дизајн во Приштина

Предавањата и студирањето во Приштина се исти како и кај нас. Предавања, вежби и испит, со тоа што тука многу се работи практично. Испитите се некоја формална варијанта бидејќи студентите секој час работат, а на испит тоа само убаво го комплетираат и презентираат. Лоша страна е што има многу студенти, вели Маја

Маја Кикириткова, наша модна дизајнерка, иницијатор на брендот „Елеазар“, веќе седум години предава на ААБ Универзитетот во Приштина. Таму го држи предметот „Моден дизајн, методологија и концепт“, кој е наменет за студенти во трет и четврти семестар.

- Соработката се случи спонтано. Еден мој колега кој веќе предаваше таму ме препорача, отидов на разговор и така почна приказната, која успешно трае 7 години – споделува Маја.
Таа вели дека со студентите е, пред сѐ, пријател, а потоа професор.



- Многу разговараме на часовите, дебатираме, секој од нас кажува свои мислења и ставови околу проблематиката за која е наменет часот. Во принцип, предавањата се практични и мислам дека студентите го обожаваат тоа - истакнува Кикириткова.

Според нејзиното досегашно искуство, студирањето во Приштина функционира приближно исто како кај нас.

- Предавањата и студирањето во Приштина е исти како и кај нас. Предавања, вежби и испит, со тоа што многу се работи практично. Испитите се некоја формална варијанта бидејќи студентите секој час работат, а на испит тоа само убаво го комплетираат и презентираат. Лоша страна е што има многу студенти, а мене секогаш ми фали време за тоа што сакам да го предадам и да го сработиме со секој поединечно. Добро е што имаат убави кабинети и простории со целосна опрема од идеја до реализација на една креација - споделува таа.

Вели дека не може да направи паралела со моменталните наши студии затоа што не е многу запознаена како стојат сега работите.

- Не можам да направам паралела. Во Македонија немам предавано 7 години, можеби оттогаш нешто се сменило, па не е убаво да зборувам за нешто што било во минатото, а не знам како е сега - вели Кикириткова.



На прашањето какво искуство ѝ е предавањето во Приштина и како ја надополнува нејзината кариера, таа вели:

- Секоја работа е искуство плус во животот. Јас премногу ја сакам мојата работа. Покрај дизајнирањето, кое е моја прва љубов, улогата како професор одлично се надополнува во целата приказна и благодарна сум што можам моето знаење да го пренесам на некого. Најмногу ме радува кога по неколку години ќе видам мои студенти кои се успешни во работата што ја работат – дополнува Маја.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема