X
 08.06.2018 Образование

Што прават наставниците додека се на „распуст“?

Овој текст е за сите оние што не знаат што работат наставниците кога нема ученици. Па да почнеме од почеток. 

На 10 јуни започнa летниот распуст за учениците. Многумина мислат дека истото важи и за наставниците. Замислете, дури и моите дома до пред некоја година ме прашуваа дали секој ден ќе одам на работа. А секој втор што ме сретнува ми го поставува прашањето: И што правите сега кога немате деца? Зошто воопшто одите на работа?

Уште првиот ден од распустот започнуваат одделенските совети на кои се утврдуваат успехот и поведението на учениците, потоа следува и наставнички совет. Потоа се пополнуваат извештаи за истото, во извештајот пополнуваш табела со успех по предмети, табела со успех на ученици по национален и полов состав, табела со оправдани и неоправдани изостаноци по пол, осипани ученици, отпишани и запишани ученици, ученици со изречени педагошки мерки итн.

Откако ќе се утврди успехот, следува пишување на оценките за крајот на второто полугодие и годишните оценки во дневникот на паралелката, запишување на изостаноците, мерките и средниот успех по ученик. Препишување на сето тоа во главната книга. Истите тие податоци треба да се внесат и во електронскиот дневник и на крај е пишувањето на свидетелствата. Многу е и ако пишуваш бројчени оценки, а замислете како е со описните (една оценка има минимум 500 збора)

И тоа не е сѐ! (во стилот на Топ-шоп )

Следува подготовка на извештајот за работата на училиштето за изминатата година. Значи повторно наставниците и стручните соработници - членови на тимови изготвуваат извештаи за: приоритетите на училиштето, детска организација, естетско уредување на училиштето и училишниот двор, ученичко-училишна заедница, работата на стручен актив на одделенска настава, стручен актив на општествено-јазична група на предмети, стручен актив на природно-математичка група на предмети, за организирање ученички екскурзии, културно-забавен живот, црвен крст, професионален развој на наставниците во училиштето, подобрување на следењето на планирањето на наставата и наставниот процес, подобрување на примената на стекнати знаења од обуките, изготвување ученичко досие, ЕКО, за работа со надарени ученици, подобрување на квалитетот на додатна и дополнителна настава, подобрување и продлабочување на соработката со родителите, инклузија на учениците со посебни потреби и емоционални тешкотии, професионална ориентација на учениците, меѓуетничка интеграција во образованието, превенција од насилното однесување во училиштето, следење, анализа и поддршка на оценувањето, за увид во педагошка евиденција и документација, за грижа за здравјето на учениците...

Од сето тоа и уште многу други податоци се составува годишниот извештај, кој е поголем од отчетот на една влада.

И тоа не е сѐ! Работата на наставниците не завршува тука. Наставниците треба уште и да го пополнат своето професионално досие со докази за посетување обуки, часови со примена на современи методи, со примена на ИКТ, со примена на диференциран пристап, со итегрирани цели од меѓуетничка интеграција, намалување на насилството, ЕКО, професионална ориентација на учениците, тестови со диференцирани задачи, подготовки и докази за одржана додатна и дополнителна настава, учество во проекти, држење обуки, објавени трудови итн.

Е тука веќе се гледа крајот! Но, тоа не е сѐ! Веќе е месец јули и новата учебна година опасно се наближува, мораме да почнеме со изработка на новите акциони планови за сите оние горенаведени тимови и полека да ја изработуваме годишната програма за наредната година.

А кога ќе се вратиме од нашиот летен распуст, кој завршува негде околу 12 август, ќе имаме време да ги подготвиме нашите годишни и тематски планирања за наставата и предметите што ги предаваме, да направиме распоред на часови, план за писмени проверки, план за екоактивности, план за посети и екскурзии, план за соработка со родители и родителски состаноци, план за слободни активности, план за секции... иииии сакате ли уште да набројувам или ви е јасно што работат наставниците кога нема ученици во училиштето?

Одделенски наставник,
Тања Метикош

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование