X
 08.06.2019 Живот

Најдобрите градови за велосипедисти во светот

Во многу градови патувањето со велосипед е дел од секојдневието на луѓето. Справувањето со често пренатрупаните патишта, сообраќајните опасности и ненадејниот дожд можат да го направат велосипедизмот предизвикувачки.

Но, неодамнешно истражување покажува дека некои градови се подобро приспособени за велосипедистите.

Утрехт во Холандија се најде на врвот на листата од вкупно 90 града од цел свет како најдобро место за велосипедистите, според Индексот за велосипедски градови на технолошкиот стартап „Која“. Повеќе од половина од жителите на градот редовно возат велосипед, поради што имаат ниска стапка на сообраќајни несреќи и релативно мал број кражби на велосипед.

Властите го трансформираат овој холандски град во прибежиште за велосипедисти, инвестирајќи во инфраструктурата за да ги охрабри граѓаните да возат велосипеди. Мрежата од покриени и отворени патеки за велосипеди поврзуваат различни делови од градот, опремени со специјално дизајнирани мостови, подруми и кружни патеки само за велосипедисти. Мрежата ја вклучува и најдолгата велосипедска улица и најголем паркинг за велосипеди, за кој градот вели дека ќе може да смести 33.000 велосипеди до 2020 година.

Индексот испитуваше многубројни фактори што влијаат врз велосипедистите, вклучувајќи го криминалот и безбедноста, инфраструктурата, можности за делење велосипед и посебни денови во градот, кога не се вози автомобил.

1
Фото: Coya
(Кликнете на фотографијата за да го погледнете целосниот извештај)


На листата меѓу првите 10 доминираат европски градови, со исклучок на Хангжу, Кина.

Градовите како Минстер, Германија, кој се најде на второто место, инвестираа во посветената инфраструктура за поттикнување на користењето велосипеди. Инфраструктурата им овозможува на луѓето да возат побезбедно, што резултира со речиси две петтини од градското население редовно да патуваат со велосипед.

Оваа бројка е околу 30 отсто во другите топ-5 града, меѓу кои се Антверпен, Копенхаген и Амстердам. Како што покажува графиконот, зголемувањето на бројот на велосипедисти во еден град може да доведе до помал број жртви. Неодамнешен извештај на ОЕЦД за велосипедската безбедност забележа повисоки нивоа на свест во места со висок број велосипедисти, велосипедски патеки и друга придружна инфраструктура.

1
Фото: Statista

Но, постојат исклучоци. Во САД смртните случаи на велосипедисти се зголемиле со зголемувањето на бројот на велосипедисти. Но, извештајот заклучува дека е потребно време и возачите и велосипедистите да се приспособат на користењето велосипед, што може да резултира со краткорочен пораст на несреќи пред да се зголеми свеста.

Градовите што овозможиле одделување на велосипедистите од автомобилите, инвестирајќи во заштитни патеки, се најдобро пласирани.

Додека нивото на безбедност на велосипедистите драматично се разликува меѓу земјите и градовите, истражувањата покажуваат дека јавното здравство има придобивки од охрабрувањето на луѓето да користат велосипеди. Многу повеќе луѓе умираат од хронични болести поврзани со недостиг на физички вежби и слаб квалитет на воздух отколку во сообраќајни несреќи. Редовното возење велосипед ја зголемува кардиоваскуларната кондиција на телото и помага во контролирањето на вишокот телесни масти, што го намалува ризикот од хронични состојби како што се срцеви заболувања, дијабетес 2 и мозочен удар. Возењето велосипед ја гради мускулната сила, помага во флексибилноста на екстремитетите и ослободува ендорфин во телото, кој се бори против стресот.

И не е само здравјето на возачите она што се подобрува кога градот промовира велосипедизам како средство за транспорт. Моќноста на педалите создава нула емисии на јаглерод и ја подобрува животната средина. Обединетите нации предвидуваат дека глобалното население ќе достигне 9,8 милијарди до 2050 година, а 68 отсто од овие луѓе ќе живеат во градовите.

Така што, поттикнувањето на употребата на транспорт без емисии, како велосипедизмот, не само што е добро за нас, туку и за планетата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот