X
 08.06.2023 Живот

За 40 проценти е намален бројот на запишани првачиња во прилепските училишта

За 40 насто е намален бројот на запишани првачиња во 10. прилепски основни училишта во официјалниот рок до 1 јуни. Според списокот од МВР за деца на возраст за упис во прво одделение се 802, а до 1 јуни во основните училишта се запишани 480.

Гоце Бумбароски, советник за млади при прилепската локална самоуправа и одделенски раководител во прилепското ОУ „Кочо Рацин“, вели дека според искуството, очекуваат до 1 септември и други родители да стигнат за упис на своите деца, но состојбите се загрижувачки.

- Состојбите се загрижувачки. Од списокот на деца во општината кои се на возраст за упис во прво одделение, а тој брои 802 деца, до официјалниот рок се запишани 480. Тоа е повеќе од една третина или 40 насто помалку запишани првачиња. Секако, според искуството, родителите доаѓаат за упис и до 1 септември, но тоа е мал процент, можеби 10 до 20 насто. Има пример во едно основно училиште, од планираните 190, запишани се 50-ина - изјави Бумбароски.

Ахил Јаков, директор на прилепското основно училиште „Климент Охридски“ кое има околу 780 ученици, анализира дека последните години постојано се намалува уписот на првачињата.

-Пред три години имавме запишани 90 првачиња, лани беа 80, а оваа година во официјалниот рок се запишаа околу 50. Ова сите нѐ загрижува - вели Јаков.

Главната причина надлежните ја посочуваат во иселувањето.
- Како и досега, и сега велам дека главна причина е миграцијата, која во последно време зема замав. Иако некои родители допрва ќе ги запишат децата, останува главниот проблем во миграцијата - вели советникот за млади при Општина Прилеп, Гоце Бумбароски.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот