X
 08.08.2019 Наука

Научниците смислија начин како подобро да ги предвидуваат вулканските ерупции

Не секоја вулканска ерупција е катастрофа како онаа кога се разбудил Везув, со реки лава и летечки карпи кои ја затрупале Помпеја. Некогаш врвовите на вулканите се рушат, создавајќи вдлабнатини наречени калдери. А кога реките од магма ќе излезат од вдлабнатините, малите ерупции почнуваат да истискуваат опасни количини лава и гас.

Но, локациите и нивото на закана се многу тешки за предвидување. Ерупциите некогаш може да се случат и километри подалеку од средиштето на калдерата. Поради тоа, градовите сместени на или во близина на вулканите се соочуваат со постојана опасност од отровните вулкански гасови, пепел и ерупциите на лава.

Меѓутоа, група научници смислиле како точно да утврдат каде на површината од вулканот или во вулканските полиња може да се појави ерупција во калдерите.

- Калдерите се одговорни за некои од најкатастрофалните ерупции и се многу опасни. Локалното население често ја потценува таа опасност - стои во новата студија објавена во списанието „Сајенс адвансес“.

Хавајската вулканска планина Килауеа е преполна со калдери. Ерупциите минатата година предизвикаа раселување на 1.500 лица.

- Од тие отвори лавата излегува како фонтана и потоа лази како полжав - вели Елеонора Ривалта, водечка авторка на студијата.

Експертите се надеваат дека нивниот модел би можел да им помогне на жителите подобро да се подготват и да можат да ги предвидат идните ерупции.

Кога магмата ќе тргне кон површината, настануваат ерупциите. Магмата оди по линија на најмал отпор. Ако сфатат по кој пат оди магмата, научниците би можеле да предвидат каде на површината  ќе избие. Тимот на Ривалта открил дека отворите низ кои се пробива магмата често служат за еднократна употреба. Тоа значи дека магмата се пробива низ нив еднаш и никогаш повеќе.

Ривалта и нејзините колеги ги искористиле тие откритија за да направат компјутерски модели за идните патишта на магмата до површината. Тие ги споредиле предвидувањата на нивниот модел со познатото еруптивно однесување на отворот во Флегрејските полиња, калдера во близина на Неапол. Ова активно вулканско поле, широко 8 километри, првпат еруптирало пред речиси 50.000 години. Последната голема ерупција се случила во 1538 година

Моделот на Ривалта прецизно пресликал 720 ерупции во Флегрејските полиња во последните 15.000 години, вклучувајќи ја и разорната ерупција на Монте Нуово од 1538 година.

Меѓу 1600 и 2017 година околу 278.880 луѓе низ светот настрадале од последици од ерупции на вулкани. Смртноста опаднала во последните 30-ина години, според географот Метју Блекет. Не затоа што сега научниците подобро ги предвидуваат ерупциите, туку затоа што тие се случиле подалеку од густо населените подрачја.

Ривалта се надева дека резултатите од нејзините истражувања ќе им обезбедат повеќе информации на жителите на градови како Неапол. Таа сака да го примени новиот модел и на Етна и да го испита супервулканот под американскиот национален парк Јелоустон. Тој огромен вулкан последен пат еруптирал пред повеќе од 640.000 години. Ако дојде до нова ерупција, пепелта би затрупала огромни површини од северноамериканскиот континент.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука