X
 08.09.2020 Наша тема

Парче од историјата: Што порачаа МАНУ, УКИМ и УКЛО три дена пред референдумот во 1991

Со определувањето за Македонија како самостојна и суверена држава во целост се остваруваат историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и сопствена држава

„Референдумската одлука ќе претставува уште еден одговор на историските неправди и на сите стари и нови аспирации спрема Македонија и македонскиот народ, како и на обидите за негација на самобитноста на македонскиот народ, на неговата историја и култура“. Оваа реченица е дел од обраќањето на Македонската академија на науките и уметностите и на двата универзитета во земјава, објавено на 5 септември 1991 година. Три дена пред најзначајниот ден за македонскиот народ во поновата историја највисоките научни и образовни институции во земјава ја повикуваат сета интелигенција и сиот народ да излезат на референдумот и да го дадат својот глас за независна и суверена држава.


МАНУ / Фото: Архива на МАНУ

Денеска Македонија го одбележува 8 Септември – Денот на независноста. По 29. години Република Македонија има уште една придавка во името, сѐ уште Македонската академија на науките и уметностите е единствена највисока научна установа, имаме четири државни универзитети повеќе и околу 10 приватни високообразовни институции. Ресорот образование во 29 години го воделе вкупно 17 министри, сосе Мила Царовска која функцијата ја презеде пред десетина дена.

Се навраќаме 29 години наназад, кога МАНУ, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола им се обратија на сите што живеат во оваа земја.


УКИМ

Во обраќањето, меѓу другото, пишува:

„Поттикнати од историската одговорност на науката и културата за иднината на Република Македонија и поучени од искуствата што ни ги нуди минатото, Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот во Битола ги повикуваат сета македонска интелигенција и сите граѓани на Републиката да излезат на Референдумот на 8 септември 1991 година и да го дадат својот глас за самостојна и суверена Република Македонија, со право да стапи во сојуз на суверени држави на Југославија.

Изјаснувањето на граѓаните на Република Македонија на Референдумот на 8 септември 1991 година претставува настан од историско значење за судбината на македонскиот народ, припадниците на албанската, турската и на другите националности што живеат заедно со него, како и за сите Македонци надвор од границите на Република Македонија. Со определувањето за Македонија како самостојна и суверена држава во целост се остваруваат историските стремежи на македонскиот народ за национална слобода и сопствена држава, изразувани во национално-ослободителните востанија и, посебно, во Кресненското и Илинденското востание со Крушевската Република и, во исто време, се потврдува и доградува самостојноста и сувереноста на македонската држава, чии темели се поставени во антифашистичката Народноослободителна борба во текот на Втората светска војна и чие создавање е прокламирано на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година.


УКЛО

Со поддршката на Референдумот се обезбедува цврста основа за доследен демократски развиток на Република Македонија и за целосна рамноправност на сите нејзини граѓани без оглед на нивната национална припадност, политичко убедување и верска определеност. Со неа се отвораат нови перспективи за натамошен побрз економски и културен напредок на Републиката врз основа на сопствените материјални избори и творечки труд и се осигуруваат можности за постојано подобрување на општите животни услови и благосостојбата на сите граѓани на Македонија.

Архивска фотографија / Извор: Влада

Референдумот треба да го манифестира моралното и духовното единство и политичката волја на македонскиот народ и на припадниците на другите националности што живеат во Македонија и нивната определеност за трајно сожителство врз демократски и рамноправни основи. Позитивното изјаснување на
Референдумот треба да биде силен израз на цврстата определеност за судбината на Македонија да решаваат само македонскиот народ и сите граѓани на Република Македонија... Референдумската одлука ќе претставува уште еден одговор на историските неправди и на сите стари и нови аспирации спрема Македонија и македонскиот народ, како и на обидите за негација на самобитноста на македонскиот народ, на неговата историја и култура“.

Целото обраќање можете да го прочитате ТУКА.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема