X
 08.11.2018 Наука

Зошто експертите препорачуваат да играме тетрис?

Ново истражување покажува дека тетрисот, играта во која треба да редите коцки создадена во 80-тите години, може да ви помогне во намалувањето на анксиозноста. Во случај да не знаете за каква игра станува збор, во неа се бара да местите блокови во непрекинати редови од десет коцки, а може да биде многу повеќе од забава.

Важните случувања во животот, чекањето резултати од испити, интервју за работа и слично се стресни ситуации. Клучно е што луѓето често се потпираат на неефикасни стратегии за справување со нив.

„Проток“ е психолошки термин за ментална состојба на лицето целосно ангажирана во некоја активност.

- Состојбата на проток настанува кога целосно сте ангажирани во некој вид активност. Губите свест за себеси и перцепција на времето, а времето лета - вели психологот Кејт Свини од Универзитетот „Риверсајд“, еден од авторите на истражувањето.

Играта „Тетрис“, која веќе долго време ги интересира научниците, е еден од примерите за активност што ги тера луѓето во проток. Се поврзува со многубројни ефекти; од подобрување на когнитивната способност до намалување на потребите за лекови. Низ три истражувања, едно експериментално и две набљудувачки, Свини и колегите тестирале дали активноста што поттикнува проток, како што е играта тетрис, им помага на луѓето за подобро одвлекување на вниманието додека чекаат.

Сите истражувања покажале дека играњето игри ја намалува загриженоста, полека ги стимулира позитивните емоции и помага во ублажувањето на негативните емоции во периодот на чекање.

Размислете за последниот пат кога очекувавте вест за нешто важно. Веднаш сакате да се насочите на нешто што ќе ви го одвлече вниманието. Истражувањето покажува дека е подобра стратегијата да го одвлечете вниманието со некоја ментално стимулирачка задача. „Тетрис“ и која било друга активност што поттикнува проток не е волшебно решение против стресот и анксиозноста, но ако најдете нешто што ќе ве окупира, сигурно нема да ви штети.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука