X
 08.11.2020 Наука

Дали камилите навистина складираат вода во грпките?

За да преживеат во пустината, камилите складираат вода во своите грпки, нели? Не е баш така. Иако камилите имаат трикови како максимално да ја искористат водата што ја пијат, нивните грпки не се дел од тоа.

Тогаш зошто камилите имаат грпки? Одговорот е: за складирање маснотии.

Како што објаснува Рик Шварц од зоолошката градина во Сан Диего, камилите поминуваат низ суви периоди кога нема многу храна и вода. Затоа, кога имаат храна, тие јадат доволно за да соберат резерви во грпките со кои може да преживеат во период кога храната е оскудна. Кога грпката е „полна“, камилата може да преживее четири до пет месеци без храна.

Малите камили не се раѓаат со вакви масни наслојки и им растат подоцна, кога ќе наполнат речиси една година. Има камили со една грпка и камили со две грпки, но Шварц вели дека дополнителната грпка не собира дополнително масни наслојки.


Фото: Pixabay

Постојат неколку теории што би можеле да го објаснат уникатниот начин на складирање маснотии на камилите. Според една теорија, камилите го положуваат стомакот директно на песокот кога лежат и затоа е потешко да се таложат маснотии околу стомакот, па тие се таложат на грбот. 

Кога станува збор за складирање на водата, камилите може да пијат до 114 литри вода одеднаш, исфрлаат сув измет за да ја зачуваат водата и нивните бубрези ефикасно ги отстрануваат токсините од водата во телото за таа да може да се задржи што подолго. Камилите ја штедат водата и на други начини, на пример, фаќање на влагата од воздухот при дишењето.

Автор: Тара Сантора
Извор: livescience.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука