X
 08.12.2021 Наша тема

Пијанистката и проф. Снежана Анастасова-Чадиковска, добитник на наградата „Св. Климент Охридски“, раскажува за нејзиното музичко патешествие

Според мене, наградата ,,Свети Климент Охридски“ е најголемо признание што во нашата држава воопшто може да го добие личност која творела во областа на културата, уметноста, образованието. Да бидеш носител на награда која го носи неговото име, за мене значи дека си се вградил на вистински начин во процесите за добросостојба и прогрес на оваа земја, вели Снежана Анастасова-Чадиковска

- Според мене, наградата ,,Свети Климент Охридски“ е најголемо признание што во нашата држава воопшто може да го добие личност која творела во областа на културата, уметноста, образованието. Да бидеш носител на награда која го носи неговото име, за мене значи дека си се вградил на вистински начин во процесите за добросостојба и прогрес на оваа земја. Јас се радувам, вистински ѝ се радувам за оваа награда, вели нашата истакната пијанистка, професорка по пијано и музички публицист Снежана Анастасова-Чадиковска, која денеска во свечената сала на Собранието и официјално ќе го добие ова престижно признание.


Анастасова-Чадиковска во 1972 година го имала својот прв настап на концертниот подиум и оттогаш е постојано присутна на македонската музичка сцена. До 1984 година била претежно солист, а потоа и пијано-придружник на голем број македонски и странски музички уметници. Има настапувано во многу музички центри во Македонија и во светот, а има реализирано и повеќе снимки за продукцијата на МРТВ. Како професор по пијано во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, нејзината класа на успешни пијанисти е една од најмногубројните. Таа паралелно се занимава и со музичко-публицистичка дејност како автор, коавтор и учесник со обемни сегменти во 26 печатени публикации и монографии. Тие претежно се однесуваат на македонската музичка историја, институциите и луѓето што ги граделе.

- Јас учев пијано и музика. Не размислував што точно ќе работам сѐ до дипломирањето. Се вработив како пијано-педагог во Десетгодишното музичко училиште во 1972 г. На крајот на истата година дебитирав на концертната сцена во „Салонот 19,19“ во Скопје. Таа година станав и сопруга на мојот и денес најголем поддржувач Венцислав Чадиковски (плодна година, како што може да забележите...). Инаку, од сцената се повлеков во 2002 (од лични, пред сѐ, здравствени причини).
Со педагогија се занимавам на некој начин целата оваа деценија, и по моето пензионирање во 2013 г. А зошто пишував и запишував? Затоа што документот - записот е голема сила. Тој не дозволува нештата да бидат попатно затурени и заборавени. А станува збор за значајни, извонредно значајни нешта за македонската музичка култура, но и воопшто - македонското постоење.  


На седум години почнав да учам пијано

Благодарение на големата пасија кон музиката што ја имале нејзините родители, кај Анастасова-Чадиковска уште од најмала возраст се разгорело музичкото жарче. Згора на тоа, и нејзината постара сестра веќе свирела на пијано, така што Анастасова-Чадиковска уште на седумгодишна возраст ја почнала дружбата со црно-белите клавиши.

- Мојот татко д-р Иван Анастасов имаше годишен абонман за ложата бр.5 во предземјотресниот театар, оној во кој се влегуваше преку легендарното дрвено мовче преку Вардар. Така, од мојата петта година редовно ги следев сите оперски и балетски претстави и голем дел од тогаш не толку многубројните концерти. Освен тоа, мојата шест години постара сестра веќе сериозно свиреше на пијано. Тој црн, блескав предмет кој произведуваше такви прекрасни звуци ми се чинеше прекрасен, неземен. И така, на седум години и јас почнав да учам пијано.

- Инаку, пијано започнав да учам во класата на проф. Соња Бојаџиева во Десетгодишното музичко училиште во Скопје. Во петтата година ме префрлија во класата на проф. Бранко Цветковиќ, тукушто дојден во училиштето како единствен дипломиран пијанист. Студирав на Бугарскиот државен конзерваториум во Софија, на Инструменталниот факултет, во класата на проф. Дора Лазарова. Магистрирав на Љубљанската академија во Словенија, во класата на светски познатата пијанистка Дубравка Томшич. Посетував летни школи во Охрид, кои ги водеше пијанистот Алдо Чиколини. Две години учев во летните академии во Вајмар, Германија. Имам најубави спомени од текот на школувањето од сите мои професори. Но, ако треба некого да издвојам, тоа секако би била Дубравка Томшич, извонредно инспиративен професор и пијанист. Таа најзначајно влијаеше не само врз развојот на мојот пијанизам, туку и врз мене како човек.  


Прв македонски пијанист што изведувал значајни дела од 20 век

Како сум успевала? Навистина не знам. Веројатно сум имала константно енергија и сигурно значајна поддршка од моето семејство. И љубов за сѐ. Многу љубов, вели Анастасова-Чадиковска за нејзината динамична и богата кариера како солист, педагог, но и музички публицист.

- Интерпретативната уметност само му помага на педагогот. Онака, како што разучуваш едно дело за себе (стил, форма, изработување на пијанистичките потфати, образност, т.е. духовната содржина која композиторот ја вложил во делото...) на истиот начин одредено дело им го толкуваш на своите ученици. Се радувам што го достигнав професионалното ниво на сцена да изведувам значајни дела, често, во случај на оние создадени во дваесеттиот век (Барток, Прокофјев, Шостакович, Шчедрин...) и тоа првпат свирени од македонски пијанист. Изведов и праизведов и четириесетина солистички и камерни дела од македонски композитори.   

- Како педагог, секој мој ученик (особено оние триесетина што станаа дипломирани пијанисти, магистри, доктори на науки....) беше приказна за себе. Конечно, нели тоа е поентата на индивидуалната настава? Секој нивен успех, секој јавен настап, секоја освоена државна или меѓународна награда (а нив, верувајте, ги имаше во значајни количини....) за мене претставуваше гордост, но и радост... Сепак, јас можев само да го насочам талентот и професионално да ги обликувам овие млади луѓе. Понатаму тие самите ја градеа и ја градат својата судбина.


„Сакај ја уметноста, а не себеси во уметноста“

Листата со еминентни музички имиња што излегле од училницата на Анастасова-Чадиковска е долга. Од концертни изведувачи, до редовни професори на ФМУ, педагози во ДМБУЦ во Скопје и во другите музички училишта низ Македонија. Секако, голем дел од нејзините поранешни ученици веќе живеат и успешно творат надвор од државата.

- На моите ученици секогаш им зборував за професионализмот, односот кон работата и работната дисциплина, етиката кон колегите и искрениот однос кон себеси. Често им ја кажував и пишував мислата на Огист Роден: ,,Сакај ја уметноста, а не себеси во уметноста“.... И им го цртав, покрај потписот, кога им подарував понекоја книга, моето Сонце. Онака, за среќа. На свој начин се гордеам со сите мои ученици. Но, има и такви кои навистина на посебен начин ја градат својата успешна кариера. Почнувајќи од мојот прв ученик, д-р Сања Шојлевска Хендерсон, по што листата е долга: Марија Ѓошевска, Лилјана Каровска, Самира Мустафаоглу, Бети Бешковска, Јасна Аврамовска- Костенарова, Милан Јанкуловски, Денис Најдовски, Ивана Јанакиевска, Силјан Пановски, Нита Груби, Јанинка Невчева, Наташа Поповиќ, Тони Аџиниколов, Никола Коџобашија, Дејан Даскалов, Стојанчо Баковски, Симона Ѓорчева, Панделина Атанасова...  

- Додека уметниците се ученици и студенти, преку настапите за училишните институции, преку тие за музичка младина, преку многубројните републички и меѓународни натпревари, преку подиумите на млади на Филхармонијата и фестивалот ,,Охридско лето“,  тие имаат одреден простор за исказ. Но, по дипломирањето се оставени сами на себе, односно на своите лични менаџерски иницијативи. Јас во повеќе интервјуа во овие две децении имам нагласувано дека на нашата држава суштествено ѝ недостига концертна дирекција која, според одредени вреднувања, би го организирала концертниот живот кај нас, би градела комуникации со други земји, би ги поттикнувала за надградба и прогрес сите музички уметници, па и младите.

Фото: приватна архива

 
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема