X
 09.01.2019 Живот

Ја вложила животната заштеда, позајмила пари од пријатели и изградила деловно царство

Тереза Такер ја вложила сета своја заштеда, ги достигнала лимитите на кредитните картички и подигнала втора хипотека на својот дом - сето тоа за да ја основа и застане на нозе својата компанија „Блек Лајн“, технолошка компанија специјализирана за изработка на финансиски софтвер со седиште во Лос Анџелес.

Дополнително, на почетокот, во 2001 година, двајца пријатели ѝ позајмиле пари за да може да им ги исплати првите плати на своите работници. Сепак, тоа било ризик што се исплатил.

Денес „Блек Лајн“ вреди повеќе од две милијарди долари, а имотот на Такер се проценува на 380 милиони. Иако на пошироката јавност можеби ѝ е непозната, нејзината компанија денес има повеќе од две илјади клиенти. Нејзиниот сметководствен софтвер го користат и глобални гиганти како „Кока-Кола“, „Ибеј“ и „Филипс“.

Според „Форбс“, Такер е една од најбогатите американски претприемачки што своето бизнис-царство го градела самостојно, со сопствен капитал.

Кога ја основала компанијата, таа не ни помислувала да бара вложувачи, а не ни знаела како да ги пронајде.

- Искрено, се сомневам дека некој навистина би инвестирал во компанијата тогаш - вели 57-годишната Такер, која израснала на фарма во САД, а студирала компјутерски науки и математика на Универзитетот во Илиноис.

Таа сметала дека ниеден инвеститор нема да биде заинтересиран за вложување во нејзината компанија со оглед на тоа дека веќе имала неколку обиди за основање стартапи кои не успеале. Дополнително, фактот дека е жена што основа компанија во областа на информатичката технологија не ѝ одел во прилог. Минатата година само 15 отсто од вкупниот износ кој фондовите на ризичниот капитал го вложуваат во технолошката индустрија отишле во компании чии основачи се жени.

Пред да ја основа својата компанија, Такер била директорка за технологија во софтверската компанија „Сан Гард“, но се повлекла од позицијата за да се посвети на своите две мали деца. Идејата за основање на „Блек Лајн“ ѝ дошла на еден состанок со нејзиниот личен банкар. Таа забележала дека програмата за пресметување на данокот што ја користела компанијата е неефикасна. Знаела дека може да направи подобра програма и ја направила.

Иако навистина ја основала „Блек Лајн“ со сопствените заштеди и со помошта од пријателите, таа во 2013 година обезбедила инвестиција од повеќе од 250 милиони долари од компанијата „Силвер Лејк“. Три години подоцна компанијата излегла и на Њујоршката берза.

Такер е свесна дека технолошката индустрија сè уште е примарно машка гранка и вели дека технолошката индустрија треба да направи нешто повеќе за да привлече жени. Меѓутоа, додава дека ѝ е мило што не била свесна за тоа кога ја основала компанијата. Таа била преокупирана со стабилизацијата на фирмата што родовата нерамноправност не можела да ја обесхрабри или да ѝ го сврти вниманието од целта. Сепак, свесна е дека и сексуалното вознемирување сè уште е дел од корпоративното секојдневие.

Но, таа додава дека денешните млади жени научиле поквалитетно да се борат за себе и за подобри работни услови. Директорката на „Блек Лајн“ настојува да им помогне и редовно држи предавања за да ги охрабри и инспирира младите жени.

- Мислам дека најдоброто нешто во моето растење на фарма беше тоа што фармерите сакаат да имаат синови, но мојот татко немаше ниеден - вели Такер, која има три постари сестри.

Таа се потсетува како од нив се очекувало да ги работат сите задачи, да возат трактор, да поправаат автомобили, да ги хранат свињите и кокошките и да учествуваат во жетвата.

- Луѓето ми велат: „Срушивте бариери“, а јас се прашувам кои бариери. Не ни знаев дека постојат - вели Такер.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот