X
 09.01.2021 Живот

Познат будистички монах: Сите ние сме ливчиња од едно дрво и бранови од едно море

Зен-будистичкиот монах и учител од Виетнам, еден од највлијателните духовни ментори на нашето време, Тич Нат Хан, е човек од кој може многу да се научи за животот, мирот, љубовта и односите. Неговата мудрост е од непроценлива вредност и иако со свои очи видел многу страдања, тој никогаш не изгубил верба во добрината и човечноста.

Тич Нат Хан верува дека најтешкиот пат во животот е всушност патот на љубовта, но наградите на тој пат вредат за секој труд и ризик.

- Понекогаш мислиме дека сме го нашле партнерот кој карактеризира сè што е добро, убаво и оригинално. По некое време откриваме дека сме имале погрешен впечаток за оваа личност и сме разочарани. Вистинскиот партнер или пријател е оној што ве охрабрува да погледнете длабоко во себе во потрага по убавина и љубов.

- Морате да сакате на таков начин што саканата личност ќе се чувствува слободна.

- Кога засадувате растение, а тоа лошо расте, вие не го обвинувате растението. Знаете дека вие сте причината. Можеби треба повеќе ѓубриво, вода или помалку сонце. Но, не го обвинувате растението. Сепак, кога ќе се појават проблеми со нашите пријатели или нашето семејство, ние ја обвинуваме другата личност. Но, ако знаеме да се справиме со такви ситуации, работите ќе се одвиваат без проблеми. Обвинувањето не носи позитивни резултати, а залудно е и да се обидете да ја убедите другата личност користејќи аргументи и образложение. Ни обвинение, ни расудување, ни аргументи, само разбирање. Ако разбирате и покажете дека разбирате, можете да сакате и ситуацијата ќе се промени.

- Да сакаш некого не значи да кажеш „да“ на сето она што оваа личност го сака. Основата на љубовта кон некого е да се знаете себеси и да знаете што ви треба. Знам жена која многу патеше бидејќи не можеше да каже „не“. Кога мажот ќе ја прашаше за нешто, таа чувствуваше дека мора да каже „да“, дури и ако не го сакаше тоа. Важно е љубовта кон другата личност да нема приоритет над слушањето себеси и знаењето што вам ви треба.

- Да се биде убав, значи да си она што си. Другите не треба да ве прифаќаат. Вие треба да се прифатите себеси.

- За да ги исполниме обврските кон партнерот и да ја издржиме најсилната бура, потребни ни се силни корени. Често мислиме дека сме во рамнотежа, но таа рамнотежа е кревка. Слаб ветер е доволен за да ве сруши.

- Од незнаење како да сакаме само ги повредуваме оние што ги сакаме.

- Вистинската љубов вклучува чувство на одговорност и прифаќање на другата личност каква што е, со сите свои предности и слабости. Ако го сакате само најдоброто од некоја личност, тоа не е љубов. Мора да ги прифатите нејзините слабости, да покажете трпеливост, разбирање и да ја носите енергијата кон позитивна трансформација и заздравување. Таквата љубов носи чувство на сигурност.

- Некои живеат како веќе да се мртви. Околу нас има луѓе што се опседнати со своето минато, се плашат за својата иднина и остануваат заглавени во гнев и љубомора. Тие не живеат, тие се живи мртовци.

- Другите постапки се резултат на нивната сопствена болка, а не резултат на нивната намера да ве повредат.

- Ако го прифатите вашето тело, имате можност да го гледате како свој дом. Можете да се одморите, опуштите и да чувствувате радост и леснотија во вашето тело. Ако не ги прифатите вашето тело и ум, не можете да бидете дома. Мора да се прифатите себеси такви какви што сте. Ова е многу важна практика.

- Кога не можеме сами да произведеме енергија за да се грижиме за себе, мислиме дека ни е потребна туѓа енергија. Се фокусираме на потребата и отсуството, а не на создавање енергија на свесност, концентрација и увид што можат да го излекуваат нашето страдање и да ѝ помогнат на другата личност.

- Бидејќи сме луѓе, грешиме.Стануваме причина за страдањето на другите, ги повредуваме најблиските и чувствуваме жалење. Но, без грешки невозможно е да се научи. Ако можете да научите од вашите грешки, лошата енергија ќе се претвори во цвет.

- Разбирањето е основа на љубовта.

- Да сакаш, значи да не поседуваш друга личност. Да не го апсорбираш целото негово внимание и љубов. Да сакаш, значи да му дадеш на другото лице радост и утеха во неговото страдање. Тоа е способност што мораме да ја развиеме.

- Мислењата и перцепциите за среќата што ги имаме може да нè блокираат. Забораваме дека ова се само мислења и перцепции. Нашата идеја за среќа може да биде токму она што нè спречува да бидеме среќни.

- Мора да одиме на начин на кој само ќе носиме мир и спокој на Земјата. Одете како да ја бакнувате земјата со вашите нозе.

- Надежта е важна затоа што може да го направи сегашниот момент помалку тежок за поднесување. Ако веруваме дека утре ќе биде подобро, денес можеме да се соочиме со тешкотиите.

- Понекогаш вашата радост е извор на вашата насмевка, но понекогаш вашата насмевка може да биде извор на вашата радост.

- Сите ние сме ливчиња од едно дрво. Сите ние сме бранови од едно море.

Извор: Sensa.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот