X
 09.02.2021 Култура

Сашко Коцев прогласен за најдобар актер на престижниот филмски фестивал во Бејрут

По филмските фестивали во Германија, Италија, Турција, македонскиот актер Сашко Коцев деновиве ја освои наградата за најдобар актер и на големиот „Бејрут шортс интернешнл филм фестивал“ во Либан за неговата улога во краткиот филм „Налепница“ на Георги Унковски.

Популарниот актер, кој на македонската публика ѝ е познат главно по улогите во долгометражните филмови, токму со краткиот филм „Налепница“ освои најмногу награди. По признанието за најдобар актер на Фестивалот за кратки филмови во Берлин, Германија, две награди на фестивали во Италија, награда за најдобар актер на фестивал во Турција, Коцев деновиве беше прогласен за најдобар актер во категоријата интернационален краток филм и на големиот бејрутски фестивал на кратки филмови. Наградата му е доделена за неговата улога во деветнаесетминутната црна комедија, каде што Коцев, кој го игра главниот лик, по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми...


Фото: Архива

Инаку, краткометражниот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски учествуваше на повеќе од 170 филмски фестивали и доби десетици награди (меѓу кои најдобар краток филм на Меѓународниот фестивал за краток филм „Ин д палас“, со кој се квалификуваше во трката за номинација за наградата „Оскар“, најдобар краток игран филм на Филмски фестивал во Нешвил, САД, најдобар краток филм на Бруклин филм фестивал, САД), освои нови три награди на „Усак филм фестивал“ во Турција и тоа: награда за најдобра режија, за најдобар актер во главна улога и за најдобар дизајн на звук…
Филмот е во продукција на „Цинема футура“. Главната улога во филмот ја толкува Сашко Коцев, а останатите улоги ги толкуваат Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски – Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски. Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук на Сашко Потер Мицевски. Филмот се снимаше 6 дена на повеќе локации низ Скопје, а премиерно беше прикажан во киното „Фросина“, во септември 2019 година.
Подготвил: В.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура