X
 09.03.2019 Здравје

„Фејсбук“ е виновен што мајка ми е антиваксер

Итан Линденбергер, 18-годишник од Охајо, САД, кој сам се вакцинира за хепатитис А, хепатитис Б, грип и ХПВ и покрај спротивните ставови на мајка му, вели дека за антиваксерската идеологија на мајка му е виновен „Фејсбук“.

Тој неодамна сведочеше пред Комитетот за здравство, едукација, труд и пензии и ја нагласи важноста на кредибилните информации. Според него, лажните верувања на мајка му (дека вакцините се опасни) биле пренесени преку социјалните медиуми, односно таа се свртела кон антиваксерски групи на социјалните мрежи во потрага по докази кои го поддржувале нејзиниот став.

Иван истакна дека „Фејсбук“ или интернет-страниците поврзани на оваа социјална мрежа се единствениот извор на кој мајка му се повикувала за антиваксерски информации. Според него, најважно било влијанието што антиваксерските заедници на „Фејсбук“ го имале врз неговата фамилија.

- Ако мајка ми немаше интеракција со тие информации и не беше под влијание на тие аргументи и приказни, можеби ќе сменеше сѐ. Целата моја фамилија можеше да биде вакцинирана - истакна тој.

Според него, мајка му главно се информирала од „Фејсбук“, а тој се информирал од научни списанија, Светската здравствена организација и други извори.

- Не се согласив со ништо што тој кажа. Го направија дете за на постер за фармацевтската индустрија - истакна Џил Вилер, мајката на Линденбергер.



Тинејџерот постојано се обидувал да ѝ го промени размислувањето на мајка си и во една дискусија го цитирал Центарот за контрола и превенција на болести, а таа му рекла дека тоа е она што тие сакале тој да го мисли. Мајка му постојано се повикувала на информации од „Фејсбук“, а некои од фактите биле теории на заговор.

- Таа не веруваше на ниеден извор. Мислеше дека вакцините се заговор на владата за да убива деца - изјави Итан.



Американските законодавци и медицинари вршат притисок над „Фејсбук“ поради ширењето на лажните информации поврзани со вакцините.

- Презедовме чекори за намалување на дистрибуцијата на погрешните информации поврзани со здравјето, но знаеме дека имаме уште многу работа - истакнаа од „Фејсбук“ минатиот месец.

Од платформата истакнаа дека размислуваат за намалување на појавувањето на антиваксерски материјал во резултати од пребарувања и „Групи во кои треба да се приклучите“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје