X
 09.03.2020 Технологија

Австралија го обвини „Фејсбук“ за откривање на личните податоци на над 300.000 корисници

Австралиската комисија за заштита на информациите (OAIC) ја обвини социјалната мрежа „Фејсбук“ за мешање во личниот живот на граѓаните на оваа земја и за нарушување на националното законодавство во однос на доверливоста на информациите и заштитата на личните податоци, се наведува во информација на регулаторот објавена денеска.

- Лични информации на австралиски корисници на „Фејсбук“ беа откриени и префрлени кон прилогот „This is Your Digital Life“ со цел различна од онаа посочена при обезбедувањето на податоците, што го нарушува националното законодавство за доверливост на информациите и заштитата на личните податоци. Корисниците не можеле да направат разумен избор и да го контролираат начинот на кој ќе се открие нивната лична информација. Овие дејствија се направени врз личните податоци на 311.127 австралиски корисници на „Фејсбук“ достапни за продажба и употреба, вклучувајќи ги и политичките реклами - се наведува во соопштението на регулаторот, предадено и во Федералниот суд на Австралија.

Во документот се забележува дека меѓу март 2014 година и мај 2015 година „Фејсбук“ открил лични информации на австралиски корисници и не преземал разумни чекори за заштита на овие податоци.

Според шефот на комисијата, Анџелина Фолк, компанијата „Фејсбук“ свесно дозволила системски нарушувања на националното законодавство, што може да доведе до значителни санкции.

Австралиските медиуми веќе навестуваат дека Федералниот суд на Австралија може да го казни „Фејсбук“ со 1,7 милион австралиски долари (1,1 милион американски долари) за секој одделен случај на нарушување на законот за доверливост на информациите и за заштитата на личните податоци.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија