X
 09.04.2019 Живот

Катанец и на последната фарма за крзно во Германија

Германија станува земја без фарми за крзно. Последниот ваков објект доби катанец на вратите.

Оваа земја уште во 2017 година воведе забрана за фармите каде што се одгледуваат животни само заради крзното, а крајниот рок за затворање е 2022 година, со што фармерите би имале можност да преминат во нови, помалку сурови индустрии.

Поголемиот дел од крзното што се продава на глобално ниво е од животни од фарми, како ласици, лисици, зајаци и чинчили.

Но, фармерот што ја поседува последната фарма за крзно во Германија одлучи да ја затвори порано од предвиденото поради притисоци од властите и групите за права на животните. Според организацијата за заштита на правата на животните ПЕТА, фармата во Раден сега е празна, што е сигнал за крај на производството на крзно во уште една земја во ЕУ.

Според групата за права на животните, фармерот решил да стави клуч на врата пред крајниот рок бидејќи се борел со притисок од владата и чести, ненајавени инспекции. Минатиот месец имаше и онлајн-петиција со која се бараше затворање на оваа фарма.

- Иако условите за чување на животните се катастрофални и значат бескрајно страдање сè до грозоморната смрт од труење со гас, сопственикот доби дозвола да продолжи да ги мачи животните до 2022 година - се наведува во петицијата.

Лицето што ја направило петицијата истакнува дека никој не треба да се збогатува преку страдање на животните.

- Сè уште не разбирам зошто некои луѓе се слободни да одлучуваат кои животни ги сакаме, кои ги јадеме и кои ги дереме живи. Кој ни го дава правото да го правиме тоа? Само затоа што животните не зборуваат на јазикот што го разбираме. Можеби ние сме видот кој е премногу глупав за да ги разбере. Животните не треба да се раѓаат за да завршат како крзнено палто за некој бездушен нарцис - стои во пораката на лицето што ја направило петицијата.

Според организациите што се противат на одгледувањето животни за крзно, 85 отсто од кожата во оваа индустрија доаѓаат од животни заробени во фарми за крзно, за кои тие велат дека годишно одземаат животи на 100 милиони животни низ целиот свет.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот