X
 09.04.2020 Живот

Продолжуваат лажните вести поврзани со појавата на животни на празните улици низ светот

Во ноември Центарот за мајмуни од Флорида објави видео на „Јутјуб“ на кое орангутанот Сандра си ги мие рацете со вода. Неколку недели подоцна персоналот одлучил повторно да го сподели видеото на „Твитер“.

Оттука почна играта „расипан телефон“ на социјалните медиуми. Луѓето го зедоа видеото и го објавија со сопствен наслов, вадејќи го од контекст и извртувајќи ја пораката. Приказната се трансформира: Сандра почнала да си ги мие рацете затоа што видела дека нејзините чувари го прават тоа за време на кризата со Ковид-19.

На тој начин се роди лагата и таа се рашири низ социјалните медиуми.



Пати Раган, основач на центарот, го отстранила видеото од јутјуб-каналот на центарот на 2 април, и покрај тоа што добила многу барања од медиумите за да ја лиценцираат снимката. Раган вели дека таа не сака луѓето погрешно да мислат дека центарот ѝ покажува трикови на Сандра - првиот орангутан што легално ќе добие статус на личност.

- Сакам да го заштитам нејзиното достоинство. Го тргнав видеото бидејќи не можам да ја контролирам пораката - вели Раган.

Таа не може да направи ништо ниту со илјадниците погрешни твитови што веќе се наоѓаат на интернет.

Приказната изгледа познато. Пред две недели „Нешнл џиографик“ објави извештај кој разби голем број слични митови - лажни или погрешни објави на социјалните мрежи за животни што се однесуваат поинаку поради пандемијата. Повеќе од 4,5 милиони луѓе ја прочитаа таа приказна.

Некои луѓе го критикуваа „Нешнл џиографик“ за разбивањето на митовите, велејќи дека нема никаква штета од ваквите приказни. Затоа, ова прашање „Нешнл џиографик“ им го постави на научниците. Неколку научници потврдија дека на долг рок ваквите лажни приказни предизвикуваат штета на напорите за конзервација на животните.

Лажните вести продолжуваат


Лажните приказни постојано се појавуваат: патки се појавуваат во римските фонтани уште од почетокот на епидемијата - оваа вест стана популарна на „Редит“. Во реалноста патките отсекогаш биле таму. Модераторите на „Редит“ подоцна го тргнаа постот.



Други вести, пак, се апсурдни: Путин пуштил 500 лава на руските улици со цел луѓето да останат дома. Толку е фанатично што нема потреба да се разбива овој мит. Сепак, веб-страницата „Snopes.com“ ја објасни фотографијата што всушност била направена во Јоханесбург, Јужна Африка, во 2016 година кога филмска компанија го оставила лавот да шета по улиците.

Лажните твитови за зголемувањето на популацијата на животинскиот свет за време на пандемијата особено се шират во Индија. На интернет се појави фотографија на која се наоѓаат елени на автопат во Јужна Индија, а фотографијата всушност била направена пред неколку години во Нара, Јапонија. Друг твит вели: „Додека луѓето седат дома, природата зема длабок здив“, а на фотографијата има пауни што се шетаат надвор од националниот парк. Според мештаните, и пред пандемијата, птиците можеле да се видат надвор од паркот.



Видео што беше ретвитнато 10.000 пати тврди дека редок вид животно шета низ улиците во Керала, што подоцна било демантирано од официјален претставник на индиската шумска служба.

Која е штетата од овие лажни вести?

Откако „Нешнл џиографик“ ја објави оригиналната приказна, едно прашање што често се појавувало било: Која е штетата во верување во вакви среќни приказни? Некои луѓе тврдат дека разбивањето на ваквите бели лаги е исто како да кажете дека Дедо Мраз не е вистински.

Но, научниците сметаат дека овие лажни приказни може да направат голема штета.

- Неправилната комуникација води до разочарување на луѓето, што доведува до апатија и на крај промена во ангажманите за конзервација на животните - вели Џенифер Дод, професорка по екологија и конзервација на Универзитетот „Напиер“ во Едибург.

Со други зборови, ако луѓето се чувствуваат измамени или глупави затоа што веруваат во инспиративна приказна за животните, тие можат да изгубат интерес за конзервација на животните.

- Мислам дека ако повеќето луѓе мислат дека треба да се тргнеме од улиците, тогаш поголема е веројатноста да не ја поддржуваат работата на центрите за конзервација на животните - вели Дејвид Стин, биолог за конзервација.

Уживајте во она што е вистина


Во изминатите неколку недели се појавија вистински приказни за животните. Така, мало стадо диви кози шетале низ еден велшки град. Орките забележани близу Ванкувер овозможија интересна глетка. Дури и делфините можеле да се приближат до пристаништето во Сардинија (не Венеција) затоа што бродовите за крстосување не се наоѓале на пристаништето.

Сè уште не е јасно како глобалната пандемија ќе влијае врз напорите за зачувување на долг рок. Дод вели дека некои проекти се во мирување и веројатно ќе претрпат едногодишен јаз. Но, на крај, се надева дека луѓето што верувале во овие лажни приказни ќе ја препознаат важноста на работата на центрите за конзервација на животните.

- Во основа, фундаментално сменивме некои работи во светот. Значи, тие работи воопшто не би можеле да се оправат без наша интервенција - вели таа.

Извор: National Geographic
Фото: Screenshot/Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот