X
 09.05.2018 Живот

Само овие две земји не ја осудија одлуката на САД да се повлечат од договорот со Иран

Обединетите нации, Европската Унија и потписниците на нуклеарниот договор со Иран, како и регионалните челници изразија жалење и загриженост поради американската одлука за повлекување, но таа ги израдува Израел и Саудиска Арабија. Договорот меѓу Иран и САД, Франција, Кина, Германија, Русија и Велика Британија од 2015 година ја ограничува иранската програма за обогатување на ураниумот за да не може да се употреби за развој на атомско оружје, а за возврат на Иран му беа ублажени меѓународните санкции, кои претежно беа укинати во 2016 година, но американскиот претседател Доналд Трамп редовно истакнуваше дека договорот е катастрофален и повикуваше на поправање на, како што велеше, ужасните недостатоци, заканувајќи се дека ако тоа не се случи, тој ќе се повлече од договорот.


Фото: Telegram

Иранскиот претседател Хасан Рохани веднаш истакна дека Иран ќе остане дел од меѓународниот нуклеарен договор, но и предупреди дека неговата земја би можела да им стави крај на ограничувањата на кои се согласила, поврзани со активностите за обогатување на ураниумот. Рохани истакна дека ова не е првпат Трамп да покаже дека не ги почитува меѓународните договори. Тој најави дека наскоро ќе разговара со Европејците, Кинезите и Русите за да види дали можат Русите да ги гарантираат интересите на Иран по повлекувањето на САД. Иранските медиуми за одлуката на Трамп истакнаа дека е незаконска, погрешна и одлука со која се обезвреднуваат меѓународните договори.

Поранешниот американски претседател Барак Обама, кој е заслужен за постигнувањето на договорот со Иран, изрази жалење поради повлекувањето, за кое рече дека е погрешно.

- Верувам дека одлуката за доведување на договорот во опасност, а Иран не го прекршил, е сериозна грешка - објави Обама.

Како реагираа од ОН

Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН ги повика останатите потписници на иранскиот нуклеарен договор целосно да ги почитуваат своите обврски.

- Длабоко сум загрижен поради објавата за повлекување на САД од договорот и продолжувањето на американските санкции. Важно е сите грижи околу спроведувањето на планот да се решат преку механизмите воспоставени со договорот - истакна Антонио Гутерес.

Нелговиот претходник, Бан Ки Мун, пак, истакна дека Советот за безбедност при ОН едногласно го ратификувал договорот и дека ниедна земја нема право сама да го прогласи за мртов.

Како реагираше ЕУ

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск истакна дека Европската унија ќе му одговори едногласно на американскиот претседател.

-Челниците на ЕУ со тие прашања ќе се занимаваат на самитот во Софија следната недела - напиша Туск.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, изрази жалење поради одлуката на Трамп и му се обрати на иранскиот народ.

-Се додека Иран продолжува да ги исполнува своите обврски, како што правеше и досега, Европската унија останува приврзана до целосно и ефикасно спроведување на нуклеарниот договор. Би завршила со порака до иранските граѓани и челници. Не дозволувајте никој да го разора овој договор. Тој е едно од најголемите достигнувања кои дипломатијата некогаш ги постигнала. Тоа го постигнавме заедно. Тој е доказ дека се можни обострано добитни решенија преку дијалог, ангажман и упорност - истакна Могерини, која очекува остатокот од меѓународната заедница да продолжи со спроведување на договорот.

Велика Британија, Германија и Франција, трите членки на ЕУ кои се и потписнички на договорот, изразија жалење поради американската одлука и го повикаа Вашингтон да не прави чекори со кои ќе им го отежни животот на другите земји, кои се уште сакаат да се придржуваат до нуклеарниот договор, објавија челниците на трите земји. Истовремено, новиот американски амбасадор во Германија, Ричард Гренел, се огласи на „Твитер“.

-Германските компании кои соработуваат со Иран би ттребало веднаш да ги намалат своите операции - напиша тој.


Фото: Pixabay

Како реагираше Русија

Руското Министерство за надворешни работи објави дека Русија е длабоко разочарана од одлуката на претседателот Трамп и го осуди грубото кршење на меѓународните права.

-Длабоко сме разочарани од одлуката на американскиот претседател еднострано да се повлече од договорот и да ги врати американските санкции за Иран - соопштија од министерството и изразија крајна загриженост бидејќи САД, според нив, постапуваат спротивно од мислењето на повеќето држави, грубо кршејќи ги стандардите на меѓународното право.

Владимир Чизов, рускиот амбасадор во ЕУ, истакна дека Русија ќе продолжи да вложува напори за да ја одржи ефикасноста на иранскиот нуклеарен договор.

Како реагираше Турција

Портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека американското повлекување ќе предизвика нестабилност и нови судири. Портпаролот Ибрахим Калин истакна дека меѓународниот договор ќе продолжи со другите нации и додаде дека Турција ќе продолжи да се противи на сите облици не нуклеарно оружје.


Фото: Pixabay

Како реагираше Сирија

Сирија исто така ја осуди веста за отстапувањето на САД од договорот, изразувајќи целосна солидарност со Техеран и доверба во способноста на Иран да ги отстрани последиците од агресивниот став на Вашингтон.

-Одлуката за отстапувањето уште еднаш покажува дека САД не ги почитуваат своите обврски и меѓународните договори - рече официјален извор од сириското Министерство за надворешни работи.

Неименуваниот извор изрази целосна поддршка од Дамаск за Иранската Исламска Република и доверба во нејзината способност да ги отстрани последиците од агресивниот став на американската администрација, која ја загрозува сигурноста и стабилноста на регионот и светот.

Како реагираше Израел

Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека во целост го поддржува американското повлекување од договорот со Иран, додека дел од Голан заземан од Израел е во состојба на готовност поради можноста за ирански напад од Сирија. Нетанјаху за одлуката рече дека е храбра и историска и затоа „Израел му се заблагодарува на Трамп за неговото храбро водство, неговата подготвеност да се спротивстави на терористичкиот режим во Техеран и преданоста да напраци се за да Иран никогаш не развие нуклеарно оружје, ни денес ни за десет години, никогаш.“

Израелската војска истакна дека барала од локалните власти на Голан да отворат и подготват засолништа за ракетни напади поради невообичаените активности на иранските сили во Сирија, од другата страна на границата. Израел распореди состави за противракетна одбрана и стави своите сили во состојба на готовност поради опасност од напад, наведе израелската војска.

Како реагираше Саудиска Арабија

Саудиска Арабија, која е регионален соперник на Иран и голем сојузник на САД, истакна дека ја поддржува и поздравува одлуката на Трамп.

-Кралството ги поддржува и поздравува чекорите кои лги направи американскиот претседател во насока на повлекување од нуклеарниот договор - истакнаа Саудијците.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот