X
 09.05.2021 Живот

Цените за патување ќе пораснат летово, вели директорот на „Букинг“

Цените за меѓународно патување веројатно ќе пораснат годинава поради поголемата побарувачка и помалиот број на авиони што летаат, вели Глен Фогел, главен извршен директор на „Букинг“, за Би-би-си.

Според него, цените за патувањата веќе се зголемуваат бидејќи многу авионски агенции летаат на помалку дестинации и со помал капацитет поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. И покрај големата побарувачка, авионските агенции се несигурни во плановите за зголемување на капацитетите.

- Сите сакаат да патуваат, но сите сакаме притоа да бидеме безбедни - изјавил Фогел.

Џон Грант, аналитичар во областа на авијацијата, се согласува дека цените на авионските карти ќе се зголемуваат како што се намалуваат мерките. Алгоритмите на авионските агенции ќе го забележат зголемувањето на побарувачката и соодветно ќе ги покачат цените, според него.


Фото: Pixabay

Дополнително, индустријата се соочува и со проблеми поврзани со признавањето на вакцините и тестовите за коронавирусот. Фогел смета дека би било добро доколку се прифати еден систем бидејќи сегашната ситуација со различни програми на владите низ светот е збунувачка.

Во моментов се истражуваат повеќе опции за ваков универзален систем за патување, а Меѓународното здружение за воздушен превоз разгледува и пропусница за патување која би се користела од повеќе авионски агенции. Истовремено, ЕУ најави и дигитален пасош кој би требало да стигне летово.

Од друга страна, Меѓународната здравствена организација го поддржува ставот на групите кои сметаат дека ваквата пропусница ја ограничува слободата на движење.

Автор. Џонатан Џозефс
Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот