X
 09.05.2022 Наука

Ковид-19 може да го остари мозокот за 20 години, тврдат научници

Пациентите што се хоспитализирани поради ковид-19 може да доживеат оштетување на мозокот кое трае повеќе од шест месеци. На некои од нив им било тешко да ги најдат вистинските зборови и им било потребно подолго време за обработка на информациите, а имале и недостиг на внимание.

Научниците од Универзитетот во Кембриџ велат дека најболните пациенти имале најлоши последици, а како пример го навеле фактот дека за време на пандемијата, 40.000 луѓе во Англија биле примени на интензивна нега.

Истражување на 46 Британци хоспитализирани со ковид-19 во 2020 година покажало дека нивните мозочни тестови биле полоши од очекуваното, во споредба со просекот од 66.000 луѓе.

- Следевме одредени пациенти десет месеци по нивната акутна инфекција, така што можевме да видиме многу бавно подобрување. Голема е можноста некои од овие лица никогаш целосно да не закрепнат - рече анестезиологот и експерт за мозок, професор Дејвид Менон.

Тој вели дека тешка форма на коронавирус може да го оштети мозокот толку многу, што може да го намали коефициентот на интелигенција за десет бода.

Дури и благ случај на коронавирус може да предизвика долгорочно оштетување на мозокот. Научниците истражувале како влијае вирусот врз централниот нервен систем и колкава штета може да предизвика.

Тим од Универзитетот во Тулејн открил сериозен оток на мозокот и повреди поврзани со намален проток на крв или кислород во мозокот. Исто така, открил докази за мало крвавење, оштетување и смрт на невроните, дури и кај оние што немале тешка болест.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука