X
 09.06.2018 Живот

Нема место што човекот не може да го загади

Во седум од осум примероци што активистите на „Гринпис“ ги зеле на почетокот од годинава на Антарктикот при тримесечната експедиција, пронајдени се траги од микропластика која дошла од текстил или од рибарски мрежи. Според организацијата, отровни хемикалии биле пронајдени во осум од девет примероци снег.

Пронајдените хемикалии се користени за производство на облека за екстремни услови, а во животната средина се задржуваат со години.

- Антарктикот изгледа како недопрена дивина, но дури и тој крај на светот веќе е загаден со отрови од текстилната индустрија и остатоци од пластичното лудило - истакна Тило Мак, експерт за океани.

Од „Гринпис“ истакнаа дека за разлика од Арктикот, на Антарктикот се спроведени многу мал број истражувања. Загадувачите се пренесуваат со ветар и морски струи и со децении остануваат во животната средина. Преку синџирот на исхрана тие можат да завршат во желудниците на животните, како пингвините или китовите.

Истражувачите меѓу ледниците пронашле и рибарски мрежи и церади.

- Секаде во нашите океани можете да пронајдете пластика, од Антарктикот, преку најдлабоките океански бразди до Арктикот. Владите мора да иницираат имплементација на мерките на ниво на производство за тие загадувачи воопшто да не се појавуваат во океанот - заклучи Мак.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот