X
 09.06.2020 Наука

Официјално - Сибир е за 10 степени потопол од просекот

Температурите на Сибир, домот на голем дел од Земјиниот пермафрост, минатиот месец се искачиле 10 Целзиусови степени над просекот додека светот го искусуваше најтоплиот мај некогаш забележан, соопштија од мрежата за следење на климата при ЕУ.

Службата за климатски промени „Коперникус“ соопшти дека месецот мај 2020 година бил за 0,63 Целзиусови степени потопол од просекот за мај од 1981 до 2010 година, со температури над просекот во делови од Алјаска, Европа, Северна и Јужна Америка, делови од Африка и Антарктикот.

Западен Сибир особено бил невообичаено топол неколку месеци, истакнува научникот Фреџа Вамборг.

- Навистина големите аномалии започнаа во јануари и оттогаш овој сигнал беше прилично постојан - истакнува таа.

Глобално, просечната температура за 12-те месеци до мај 2020 година е речиси 1,3 степен над прединдустриските нивоа, реперот по кој често се мери глобалното затоплување.

Според Парискиот договор, речиси 200 земји ветија дека ќе го задржат зголемувањето на просечната површинска температура на Земјата под 2 Целзиусови степени, а ако е можно и на 1,5 степен.

Топлотниот бран во делови од Сибир и Алјаска ќе го вклучи алармот во регионите што беа зафатени од големи шумски пожари потпалени од рекордната топлина и каде што од „Коперникус“ предупредија дека може да има „зомби-пожари“.

Од мрежата истакнаа дека во Сибир во периодот од март до мај имало „аномални“ температури.

Тие достигнале околу 10 степени над просекот од 1981 до 2010 година во делови од реките Об и Енисеј, каде што е забележано рекордно рано кршење на речниот мраз.

Од „Коперникус“ забележале натпросечни температури околу голем дел од Арктикот во периодот меѓу март и мај, иако пролетта беше постудена во Северна Канада.

Делови од Европа - од Балканот до Скандинавија - исто така искусија постудени температури од просечните во мај, исто како и Австралија, Југоисточна Азија и источниот дел од САД.

12-те месеци до мај биле за 0,7 Целзиусови степени потопли од просекот од 1981 до 2010 година, совпаѓајќи се со најтоплиот еквивалентен период забележан меѓу октомври 2015 и септември 2016 година.

Општо, глобалните температури се зголемиле за повеќе од еден степен од нивоата од средината на 19 век, што најмногу е предизвикано од фосилните горива.

Во арктичкиот регион просечните температури се зголемиле за 2 степена од средната на 19 век, што е речиси двојно од глобалниот просек.

Тоа го забрзало и топењето на мразот на Гренланд.

Пермафростот во руските и канадските шуми содржи околу 1,5 трилион тони јаглероден диоксид.

Извор и насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука