X
 09.07.2019 Наука

Стотици ајкули и раи умираат заплеткани во пластика

Според новите истражувања, стотици ајкули и раи умираат заплеткани во пластичен отпад. Научниците предупредуваат дека вистинскиот број би можел да биде многу поголем.

Заплеткувањето, кое најчесто вклучува изгубена или фрлена рибарска опрема, е далеку помала закана за ајкулите и раите од комерцијалниот риболов, но страдањето што го предизвикува е главната грижа за благосостојбата на животните, според истражувачкиот тим од Универзитетот во Ексетер.

Тие откриле извештаи за повеќе од 1.000 инциденти, но предупредија дека малку истражувања се фокусирале на пластичното заплектување, што покажува дека вистинскиот број може да биде значително поголем.

- Еден пример во истражувањето е ајкула со јаже за риболов завиткано околу неа. Ајкулата продолжила да расте и покрај тоа што била заплеткана, така што јажето ѝ зараснало во кожата и ѝ го оштетило 'рбетот - вели Кристијан Патрон од Центарот за екологија и конзервација на универзитетот.

- Иако не веруваме дека заплеткувањето претставува голема закана за иднината на ајкулите и раите, важно е да се разбере опсегот на закани со кои се соочуваат овие видови, кои се меѓу најзагрозените во океаните. Дополнително, постои вистинско прашање за благосостојбата на животните бидејќи заплеткувањето може да предизвика болка, страдање, па дури и смрт - вели таа.

Прегледот на академски трудови откри извештаи за 557 ајкули и раи заплеткани во пластика, што опфаќа 34 вида во океаните вклучувајќи ги Атлантикот, Пацификот и Индискиот Океан. Податоците посочуваат дека риболовната опрема (мрежи и друга опрема изгубена или напуштена) се најчестиот предмет на кој овие животни се заплеткуваат. Други предмети се ластичиња, полиетиленски кеси и гуми.

Истражувањето ги идентификувало факторите што се чини дека ставаат одредени видови под ризик:

Живеалиште - ајкулите и раите во отворениот океан имаат поголема веројатност да бидат заплеткани, како и оние што живеат на дното од океанот.

Миграција - видовите што опфаќаат големи растојанија се повеќе изложени на ризик да се соочат со пластичен отпад.

Форма на телото - изгледа дека ајкулите се изложени на поголем ризик отколку раите.

Потребни се повеќе истражувања, а истражувачите работеле со Фондацијата за ајкули за да го создадат онлајн-извештајот. Се проценува дека повеќе од 100 милиони ајкули се убиваат со комерцијален риболов, при што се проценува дека вистинскиот број е уште поголем. Според процената за 2013 година, секоја година се убиваат по 230 милиони.

Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука