X
 09.07.2020 Живот

Швајцарија го промовира туризмот со соби на отворено лоцирани на уникатни места

Во обид да привлече туристи во помалку познатите региони од земјата, агенцијата за туризам во Швајцарија - „Свицерланд туризам“ претставува нов концепт за сместување наречен „Милион старс хотел“. „Хотелот“ има околу 50 хотелски соби насекаде низ земјата, а гостите спијат под ѕвездите на локации кои ја покажуваат разновидноста на Швајцарија.


Фото: Swiss Hotels

Агенцијата за туризам соработува со приватни хотели, фармери и други мали бизниси за да понуди уникатни места за престој во најубавите предели во земјата. Сите соби што се нудат имаат една заедничка работа -  поглед кон ѕвездите.


Фото: Swiss Hotels

- Заборавете на броењето овци. Ова лето луѓето ќе бројат ѕвезди во удобен кревет - вели Мартин Нидегер, извршен директор на „Свицерланд туризам“.

Се нудат опции за сместување за двајца на планинска жичница, шатор на дрво, како и соба на покрив во Цирих. Може да спиете во стаклена квадратна соба, брод или проѕирен меур со поглед на стариот дел на Цирих, езеро или на Алпите. Има и опсерваторија која е претворена во хотелска соба и соба што лебди над езеро.


Фото: Swiss Hotels

Една од целите на проектот е да ги запознае гостите со помалку познатите локации во земјата. Повеќето од собите биле направени годинава за потребите на проектот, но некои веќе им се нуделе на туристите. Во зависност од условите, собите може да се резервираат од почетокот на јули до крајот на октомври.

Автор: Лорин Џејд Хил
Извор: forbes.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот