X
 09.07.2022 Живот

Најголемата измама на „Википедија“: Домаќинка од Кина со години пишувала лажна историја за Русија

Веројатно најголемата измама во историјата на „Википедија“ била откриена кога кинескиот писател на романи Џифан Вонг навлегол во темата за руската историја за инспирација. Читајќи онлајн енциклопедија, тој нашол запис за рудник за сребро во Кашин.

Во написот се тврди дека рудникот бил толку богат, што предизвикал спор помеѓу Кнежеството Твер, кое првично го открило овој уникатен извор на богатство, и моќното Кнежество Москва, кое сакало да ја преземе контролата над рудникот.

Следувале низа разорни војни, почнувајќи од 1305 година, кои траеле повеќе од сто години, сè додека Кнежеството Твер не се распаднало во 1485 година. Барем така се случило според многу деталниот опис на кинеската „Википедија“.

- По падот на Кнежеството Твер, големото Кнежество Москва продолжило да го експлоатира рудникот сè додека не бил затворен во средината на 18 век поради исцрпување - се наведува во записот на „Википедија“.

Вонг набрзо открил стотици поврзани написи кои се повикуваат едни на други и покажуваат исклучително детална паралелна реалност на руската историја. Некој се потрудил овие лажни записи да изгледаат автентично, веродостојно и доверливо за просечниот читател кој не е запознаен со руската историја.

- Ликови што не постојат на англиско-руската „Википедија“ се појавуваат во кинеската „Википедија“ и тие се измешани со вистински историски личности, така што е речиси невозможно да се разликува вистинското од лажното. Дури и долгата војна меѓу Москва и Твер се врти околу непостоен рудник за сребро во Кашин - пишува писателот Вонг, кој почувствувал дека нешто не е во ред.

Подоцнежната истрага на „Википедија“ открила дека сите лажни записи биле создадени од едно лице кое користело најмалку четири лажни профили за да создаде алтернативна историја на Русија.

Сите лажни написи ги напишала Земао, корисничка која се претставувала како ќерка на кинески дипломат во Русија, експерт по руска историја и сопруга на руски државјанин. Во реалноста, зад лажниот идентитет стоела домаќинка од Кина која завршила средно образование.

Оваа жена со години градела алтернативна руска историја, темелно мешајќи го истражувањето со фантазија и спојувајќи ги резултатите од нејзината работа во „Википедија“ на кинески јазик.

Откако била разоткриена, таа признала и објавила писмо со извинување.

- Како што се вели, ако сакаш да лажеш, треба да кажуваш повеќе лаги. Се двоумев да ги избришам стотиците илјади зборови што ги напишав, но како резултат на тоа, би изгубила милион зборови и мојот круг на академски пријатели. Тешко е да надоместам за проблемите што ги предизвикав, па можеби трајна забрана е единствената опција за мене каков автор на „Википедија“. Моето сегашно знаење не е доволно за да се заработува за живот, па затоа сакам да научам занает, да заработувам на чесен начин и никогаш повеќе да не се занимавам со ваква небулоза - изјави таа.

Иако ова може да биде најголемата измама во историјата на „Википедија“, многу луѓе ја изразија својата поддршка за оваа жена која создавала уникатна работа со години.

- Навистина е прекрасно да се измисли цела историја со детали, како на пример облека, пари и јадења - напиша еден корисник на кинеската социјална мрежа „Веибо“.

Којзнае, можеби сега познатата домаќинка ќе добие понуда да објави роман базиран на нејзините лажни, но многу имагинативни написи на „Википедија“.

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот