X
 09.09.2020 Живот

Анксиозност и паничен напад се најпребарувани зборови на „Гугл“ од почетокот на пандемијата

Како што напредува пандемијата, така се зголемуваат пребарувањата на интернет на зборови поврзани со панични напади и акутна анксиозност. Пребарувањата на „Гугл“ за симптоми на анксиозност во САД биле највисоки во периодот од средината на март до средината на мај, велат истражувачи од Институтот „Квалком“ и Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.

Истражување објавено неодамна покажува дека пребарувањата поврзани со анксиозност и панични напади биле најмногубројни на деновите кога биле донесени клучни одлуки, како 16 март, кога биле воведени мерките за физичка дистанца во САД, и 29 март, кога овие мерки биле продолжени.

Ваквите пребарувања се зголемиле и на 3 април, кога американскиот претседател Доналд Трамп претставил препораки за носење маски за лице, и на 11 април, кога САД ја надминаа Италија во бројот на смртни случаи од коронавирус.


Фото: Freepik

- За некои, стравот има поголемо негативно влијание врз здравјето отколку Ковид-19 - вели Џон Ајерс, главен автор на истражувањето.

Според него, овие сознанија може да им помогнат на лидерите да размислуваат холистички за цената на некои од мерките. Во истражувањето се набљудувало колку често луѓето ги пребарувале фразите „паничен напад“, „напад на анксиозност“, „дали имам паничен напад“, „знаци на напад на анксиозност“ и „симптоми на напад на анксиозност“. Била направена споредба на бројот на пребарувања на фрази поврзани со анксиозност на почетокот од пандемијата со пребарувања во претходните години, сè до јануари 2004.

Истражувачите изјавиле дека имало 11% повеќе пребарувања поврзани со панични напади поради кризата во првите 58 дена од пандемијата.
- Имало вкупно 3,4 милиони пребарувања поврзани со акутна анксиозност во САД во првите 58 дена од пандемијата - открива Бенџамин Алтхаус, соработник во истражувањето. Ваквите пребарувања биле највисоки во последните над 16 години.

Најголем број вакви пребарувања биле направени на 28 март, ден пред да бидат воведени мерките за физичка дистанца. Во август американскиот Центар за контрола и спречување болести објавил податоци од анкета кои покажуваат раст на бројот на луѓе што користеле супстанции и сериозно размислувале за самоубиство. Овој тренд бил поголем кај Афроамериканците и во латино-заедниците.

Според овој извештај, секое четврто лице на возраст од 18 до 24 години размислувало за самоубиство месецот пред да биде спроведена анкетата.


Фото: Freepik

Знаци на паничен напад

Можеби имате паничен напад доколку чувствувате забрзано или неправилно чукање на срцето, болка во градите, вртоглавица, главоболка и губење на апетитот. Симптоми на паничен напад може да бидат и чувство на напнатост или нервоза, грижа за минатото или иднината, растревоженост и недостиг на сон.

Доколку ги имате овие симптоми, се препорачуваат вежби за дишење, како и вежбање, здрава исхрана, барање поддршка од близок или користење апликација за медитација или смирување. Многу експерти велат дека може да биде корисно практикувањето благодарност и воспоставувањето распоред.

Особено за време на кризата, важно е да се биде внимателен со користењето на медиумите доколку вестите се причина за вашата анксиозност. Ограничувањето на користењето на социјалните мрежи, исто така, може да помогне бидејќи има дезинформации и теории на заговор на мрежите кои може да ви создадат чувство на анксиозност.

Како што вели Ајерс, паничниот напад може да ве одведе до итна помош поради отежнатото дишење, чукањето на срцето, болката во градите и интензивното чувство на страв. Овие резултати несомнено бараат подобри и подостапни услуги за менталното здравје, вели тој.

Автор: Рајан Прајор
Извор: Си-ен-ен
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот