X
 09.10.2022 Наука

Астероидот што ги уништил диносаурусите предизвикал и глобално цунами

Кога астероид со големина на еден град удрил во Земјата пред 66 милиони години, ги истребил диносаурусите и испратил огромно цунами кое ја зафатило цела планета, открива ново истражување.

Астероидот, широк околу 14 километри, оставил кратер од 100 километри во близина на полуостровот Јукатан во Мексико. Покрај тоа што ставил крај на ерата на диносаурусите, директниот удар предизвикал масовно истребување на 75 отсто од животинскиот и растителниот свет на планетата.

Ударот на астероидот предизвикал низа катаклизмични настани. Глобалните температури флуктуирале; облаци од аеросоли, саѓи и прашина го исполниле воздухот; шумски пожари се појавиле откако запалените парчиња материјал што излетале при ударот повторно влегле во атмосферата и почнале да паѓаат. Во рок од 48 часа цунамито го заобиколило светот и било илјадници пати помоќно од модерните предизвикани од земјотреси.

Истражувачите почнаа подобро да го разбираат цунамито и неговиот досег преку моделирање. Со проучување на 120 океански седиментни јадра од целиот свет, тие успеале да пронајдат докази за поддршка на нивните наоди за патеката и моќта на цунамито.

Авторите велат дека тоа е прва глобална симулација на цунами предизвикано од ударот на Чиксулуб.

1

Според истражувањето, цунамито било доволно моќно да создаде бранови од повеќе од 1,6 километар и да го изора океанското дно илјадници километри подалеку од местото каде што удрил астероидот. Ефикасно ги избришало остатоците од она што се случило пред ударот, како и за време на ударот.

- Ова цунами било доволно силно да ги наруши и еродира седиментите во океанските басени на половина пат низ светот, оставајќи или празнина во седиментните записи или куп постари седименти - рече главниот автор Моли Ренџ, која почна да работи на истражувањето како додипломец и го завршил како магистерски труд на Универзитетот во Мичиген.

Истражувачите проценуваат дека цунамито било до 30.000 пати помоќно од цунамито во Индискиот Океан на 26 декември 2004 година, едно од најголемите забележани досега, во кое загинаа повеќе од 230.000 луѓе. Енергијата на ударот на астероидот била најмалку 100.000 пати поголема од ерупцијата на вулканот Тонга претходно оваа година.

Брендон Џонсон, коавтор на истражувањето и вонреден професор на Универзитетот „Пурдју“, користел голема компјутерска програма наречена хидрокод за да ги симулира првите 10 минути од ударот на Чиксулуб, вклучувајќи го и формирањето на кратерот и почетокот на цунамито.

Тој ги внесе големината на астероидот и неговата брзина, која се проценува дека била 43.200 километри на час кога удрил во гранитната кора и плитките води на полуостровот Јукатан. Помалку од три минути подоцна, камењата, седиментите и другите остатоци го оттурнале водениот ѕид, создавајќи бран висок 4,5 километри. Овој бран стивнал кога експлодираниот материјал паднал на Земјата.

Но, како што паѓале остатоците, создале уште похаотични бранови. Десет минути по ударот, бран во облик на прстен, висок околу 1,6 километар, почнал да патува низ океанот во сите правци од точка која се наоѓала на 220 километри од местото на ударот.

Во рок од 24 часа, брановите навлегле во Индискиот Океан од двете страни откако патувале низ Тихиот и Атлантскиот Океан. И до 48 часа по ударот, големите бранови на цунами стигнале до поголемиот дел од крајбрежјето на Земјата. Подводната струја била најсилна во Северниот Атлантски Океан, Централноамериканскиот морски пат и Јужниот Тихи Океан, поминувајќи 643 метри на час, што е доволно силно да разнесе седименти на дното на океанот.

Во меѓувреме, Индискиот Океан, Северниот Тихи Океан, Јужниот Атлантик и Медитеранот биле заштитени од најлошото цунами, со помали подводни струи.

„Најдобра потврда за глобалното значење на овој настан“

Новиот модел покажува дека седиментите биле директно на патот на цунамито Чиксулуб, и покрај тоа што биле оддалечени 12.000 километри.

- Сметаме дека овие наоѓалишта ги регистрираат ефектите од ударното цунами, што е можеби најдобрата потврда за глобалното значење на овој настан - вели Ренџ.

asteroid

Иако научниците не го процениле влијанието на цунамито врз крајбрежните поплави, моделот покажува дека крајбрежните области на северниот дел на Атлантскиот Океан и брегот на Тихиот Океан на Јужна Америка веројатно биле погодени од бранови повисоки од 20 метри. Брановите растеле додека се приближувале до брегот, предизвикувајќи поплави и ерозија.

- Очигледно најлошата поплава била најблиску до местото на ударот, но уште подалеку брановите веројатно биле многу големи - вели Брајан Арбик, професор на Универзитетот во Мичиген и физички океанограф.

Извор: CNN
Фото: CNN
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука