X
 09.11.2020 Култура

Археолошки истражувања на Голема Пешт – откриен материјал од 85.000 г. пр.н.е

Кварцни артефакти и фосилни животински коски се пронајдени при археолошките ископувања на палеолитскиот локалитет во пештерата Голема Пешт кај селото Здуње. Материјалот припаѓа на неандерталскиот род и последниот егзактен датум од еленски заб е датиран со електро спин резонанса (ЕСР) во 85.000 години пред новата ера.

- Меѓу многубројните примероци oд оваа сезона, куриозитет е откриената групација од 4 еленски заби со вилица, кварцни, животински фосилни артефакти и јагленчиња околу нив - велат археолозите од Археолошкиот музеј на Македонија.



Раководител на проектот е м-р Љиљана Шаламанов-Коробар, кустос-советник за палеолит. Во ископувањата учествуваа и археолозите Благоја Китановски, м-р Перо Синадиновски, Сашко Василевски, архитект Марта Пејоска и Јован Ханџиски и Христо Ежовски (технички лица).

Археолозите велат дека пештерата припаѓа на типот едноставни и суви пештери, а се истражува веќе 11 години (од 1999 година). Има само една сала долга 31 метар, широка 18,5 метри и мало плато. Местоположбата ѝ овозможува добра прегледност кон околината и (денес) вештачкото езеро Козјак. Ископувањата се вршени во предниот дел со две сонди и во задниот дел со уште две сонди. Петтата сонда е отворена минатата година.



- Ископувањата годинава продолжија во овој затскриен дел од влезот во сонда 5. Има повеќе причини: поради поголема или намалена населеност, намалено дејствување на вода, влага, ветрови, ерозии и др., но и потрага по прецизни датирања кои досега покажуваа радијација во отворените предни зони од пештерата. Интердисциплинарно се вклучени физичко-хемиските методи ЕСР, ОСЛ, ДНА - велат археолозите.

Дел од материјалот ќе биде анализиран во лабораториските испитувања што се работат во Лајпциг и во Њујорк.

Фото: Археолошки музеј на Македонија
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Култура