X
 09.11.2020 Технологија

Хуавеј, Самсунг, Моторола - Ова се значењата на имињата на телефоните

Дали некогаш сте се запрашале што се крие зад името на вашиот омилен бренд? Ова се некои од најпопуларните производители.

„Шаоми“ - Просо

Да, добро прочитавте. Името на популарниот кинески бренд се однесува на просо или ориз, во зависност од контекстот. Како што во 2011 година објасни извршниот директор на оваа компанија, симболиката потекнува од будизмот и изреката „За будистот, зрно ориз е поголемо од цела планина“. Исто така, ја означува желбата на „Шаоми“ од мали нешта да направи нешто големо.

„Хуавеј“ - Кина го може тоа

Основачот на „Хуавеј“, Рен Женгфеј, во едно интервју рече дека името потекнува од натпис кој случајно го видел на ѕид. Таму пишувало „жонгхуа јувеј“ (zhonghua youwei), што може да се преведе на неколку начини, но суштината е иста - Кина ветува, Кина го може тоа, Достигнувањата на Кина, Голем успех.

Во слободен превод - жонгхуа=Кина, а јувеј=ветува. Со скратување и приспособување на овие два збора го добиваме името „Хуавеј“.

„Нокиа“ - Река и град во Финска

Да не навлегуваме премногу во детали, компанијата „Нокиа“ постои уште од 19 век. Тука нема некои скриени значења, името го добила по градот Нокиа, на југот на Финска, каде што се наоѓа и реката Нокианвирта. Токму во тој регион е основана и компанијата.

„Сони“ - Комбинација од латински и англиски

Кога компанијата „Токио Цушин Когио“ одлучила да премине надвор од границите на Азија, најпрвин сакала само да користи иницијали - ТТК. Меѓутоа, се одлучила за зборот „Сони“ од две причини.

Прво, латинскиот збор „сонус“ го дал коренот на зборовите како „сонично“ или англискиот збор „sound“ - се поврзува со звук, а во „Сони“ тргнале токму од тој сегмент, произведувајќи транзистори, звучници итн.

Потоа, зборот „sonny“ во 50-тите години во САД означувал млади или деца - целната група и целниот пазар на компанијата.

„Самсунг“ - Три ѕвезди

Основачот на оваа компанија сакал таа да се вика по корејскиот збор за три ѕвезди зашто сакал да се развива и еден ден да биде голема и блескава како ѕвездите на небото.

„Епл“ - Јаболко

Со оглед на тоа дека станува збор за збор на англиски, повеќето луѓе немаат проблем да погодат што значи името. Сепак, веројатно е помал бројот на оние што знаат зошто компанијата се вика баш така. За името е заслужен Стив Џобс, а го смислил кога бил на овошна диета бидејќи мислел дека звучи забавно и не е застрашувачко.

„Моторола“ - Motorcar + Victrola

Називот „Моторола“ настанал така што Пол Галвин, основачот на компанијата од која подоцна настанала „моторола“, сакал ново име за автомобилски радиоприемници.

Така, тој ги споил двата збора: Motorcar, што значи автомобил, и Victrola, назив кој се поврзува со некогаш популарна фабрика за аудиокомпоненти, „Victor Talking Machine Company“.

Извор: Buka
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија