X
 09.12.2018 Живот

Човекот кој 50 години криел дека спасил 698 деца од сигурна смрт

Приказните од Втората светска војна се полни со застрашувачки и неверојатни факти и тие постојано откриваат и ни кажуваат дека и во најлошите години од 20 век, постоело нешто што ја враќало надежта во човештвото. Оваа приказна зборува за хуманитарец, човек кој одејќи на скијање во Швајцарија, завршил во Прага и спасил 698 деца од сигурна смрт.

Приказната на Николас Винтон, угледен хуманитарец и брокер од Лондон, почнува кон крајот на 1938 година кога Европа била на работ на војна, а насилството на Германија врз Евреите во пораст. Во последен момент, Николас одлучил да замине во Прага, за да му помогне на Мартин Блејк кој бил во британскиот Комитет за бегалци, во Чехословачка.

Во процесот на окупација, Блек го повикал Винтон да му помогне во центарот за социјална работа. Винтон самоиницијативно основал организација што ги штитела еврејските деца од нацистите. Најголем број заробени Евреи биле во концентрациониот логор во областа Судети. Окупираните биле на големи маки, приморани да се спротивстават на ледената зима во Европа. Како угледен човек од Лондон, Николас ги убедил родителите на заробените деца дека може да организира нивно бегство. За тоа време, од семејствата ги земал имињата на децата кои планирал да ги однесе на безбедно.

За да стигнат до безбедна територија, тие морале со возови да поминат низ срцето на нацистичка Германија. Девет возови ги депортирале од Варшава во периодот од март до август 1939 година и секој нив успеал да стигне до Лондон, освен деветтиот. Винтон пронашол ново семејство за секое дете. Само неколкумина од нив имале роднини или познаници во Велика Британија.

1
Фото: Profimedia


Винтон никогаш никому не ги споменал децата ниту неговиот чин на хуманост. Но, по 60 години, неговата жена во старите записи ги пронашла имињата и фотографиите на сите деца што ги спасил. Неговиот гест не останал незабележан, па кога во 1988 година заедно со сопругата седел во публиката за време емисијата „Тоа е животот“ на Би-би-си, без негово знаење водителката започнала да раскажува за неговиот чин на хуманост. Сите станале и започнале да аплаудираат - само Винтон не знаел за што станува збор. Всушност, секоја личност од публиката била едно дете што тој го спасил.

Примерот на Винтон инспирирал многу режисери и писатели. Филмот „Силата на човештвото Николас Винтон“ освоил Еми награда во 2002 година, а Николас бил награден од чешкиот претседател Милош Земан со највисокиот ранг „Бел лав“, поклонувајќи им го на чешките деца, најголемиот дар на светот - шанса за живот и слобода. Чешката влада, во 2008 година, го номинирала за Нобелова награда за мир.

Николас Винтон починал во 105-та година на 1 јули 2015 година. Се смета дека во светот живеат околу 6.000 потомци на децата што тој ги спасил. За некој е подвиг да ја доживее стотата година, за британскиот Шиндлер тоа бил најмал успех.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот