X
 09.12.2020 Живот

Како Италијанците сосема случајно ги направиле хотелите идеални за пандемија

Од 90-тите години Италија е пионер во туристичкиот модел познат како „алберго дифузо“ или раштркан хотел. Ова подразбира отворање хотели во разни објекти, претежно во напуштени села.

Повеќето од овие села, стари со векови, се борат со депопулација бидејќи жителите се селат во поголемите градови во потрага по работа. Истиот проблем принуди многу италијански села да ги продаваат куќите многу евтино.

Многу хотелиери често ги претвораат таквите села во луксузни сместувачки капацитети. На тој начин гостите можат да изнајмат цела куќа само за себе, но и да ги посетат рестораните и атракциите во селото.


И кога ќе дојде до закрепнување на туризмот, најверојатно многу туристи ќе продолжат да ги претпочитаат овие сместувалишта бидејќи нудат можност за физичка дистанца.

Во 90-тите години на минатиот век претприемачот Даниел Килгрин налетал на средновековниот град Санто Стефано ди Сесанио во централниот италијански регион Абруцо.

Килгрин, кој пораснал во Северна Италија, случајно се нашол во селото.

- Се изгубив на патиштата што се протегаат околу средновековниот замок. Со години барав место како ова, каде што природата не е уништена - вели тој.


Наоѓајќи го совршеното место, тој почнал да работи на својата визија.

- Во разговор со мојот сметководител му кажав за потенцијалот на овие села и за мојата визија за можна пренамена на овие пусти предели - вели тој.

Тоа бил првиот чекор кон создавање на „Секстантио“, бренд на раштркан хотел кој, како и Санто Стефано ди Сесанио, се наоѓа во Матера, јужен италијански град.




Се чини дека времето застанало во Санто Стефано ди Сесанио. Компанијата на Даниел нуди излети и планински пикник со локален леб, сирење, вино, овошје и месо. Во центарот се наоѓа кафуле што нуди само домашна храна. Посетителите ги послужува келнер кој со задоволство ќе им објасни како е направено секое јадење и секој пијалак.

И други хотелиери го следеле истиот бизнис-модел, па сега има 150 раштркани хотели во Италија.


Поради влијанието на пандемијата врз италијанската туристичка економија, која опфаќа 13 отсто од БДП во земјата, се верува дека овие хотели играат витална улога во заживувањето на секторот бидејќи традиционалните хотели и понатаму се соочуваат со предизвици при приспособувањето на новата нормалност.

Извор: Bizlife.rs
Фотографии: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот