X
 10.01.2019 Живот

Предизвикот на Марк Закерберг за 2019 година

Марк Закерберг секоја година сака да научи нешто ново и да одреди една голема цел што ќе ја реализира во текот на 365 дена, на пример, досега разви систем за вештачка интелигенција што управува со неговиот дом, во текот на целата година истрчал 365 милји (587 километри), ги посетил сите сојузни држави на САД, прочитал 25 книги, итн. Минатата година се фокусирал на работи поврзани со американските избори, приватноста и благосостојбата на корисниците (звучи прилично смешно откако во 2018 година дознавме за сите начини на кои „Фејсбук“ неодговорно се однесуваше кон корисниците и нивната приватност), а вчера на неговиот фејсбук-профил ја објави целта за 2019 година.

Во текот на годината Закерберг сака да одржи голем број јавни дискусии за иднината на технологијата и нејзиното влијание врз општеството за да дознаеме какви предизвици и можности нѐ чекаат во наредните години. Има намера неколку недели да разговара со експертите и лидерите, но и со луѓето од заедниците - овие разговори ќе бидат јавни (ќе може да се следат преку „Фејсбук“ и „Инстаграм“) и Закерберг ќе користи различни формати на разговор за да бидат поинтересни.

- Ова ќе биде интелектуално интересно, но тука е и личниот предизвик за мене. Јас сум инженер и навикнав да ги развивам своите идеи. Се радувам на уште една година учење и личен развој и дискусија за многу важни прашања за сите нас - пишува Закербег на својот фејсбук-профил.

Како што им е на сите познато, минатата година беше најтешката и најпредизвикувачата година за „Фејсбук“ - од „Кембриџ аналитика“ до хакирање, „Фејсбук“ уште повеќе ја изгуби довербата од страна на корисниците, а Закерберг и другите акционери во компанијата мораа да одговараат на многубројни непријатни прашања од истражувачките тела во САД и во Велика Британија.

Наведените проблеми влијаеја и врз цената на акциите и пазарната вредност на компанијата, која сега изнесува нешто повеќе од 400 милијарди долари, но и на богатството на Марк Закерберг - претходно оваа година неговата вредност изнесуваше повеќе од 80 милијарди долари и за него се пишуваше како за идниот најбогат човек во светот, додека денес неговото богатство падна на помалку од 54 милијарди долари.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот