X
 10.01.2020 Здравје

Грипот почна да се шири. Заштитете се!

Најголем број случаи со симптоми на грип се пријавени од подрачјето на Струмица и на Гостивар

Новогодишните и божиќните празници со грип го поминале 207 граѓани во земјава. Грипот полека почнува да зема замав, а пресметките, според бројот на пријавени случаи на болни со симптоми на овој вирус во Институт за јавно здравје (ИЈЗ), покажуваат зголемување за 31% на бројот на заболени во првата недела од годинава во споредба со претходната. Како понатаму ќе тече ширењето на овој вирус, епидемиолозите велат дека тоа е лотарија.

- Проветрување кога не е загадено, кивање и кашлање во шамиче, избегнување контакт со болни, редовно миење на рацете се генерални препораки за да се заштитите. Во зима луѓето повеќе се во затворени простории зашто е студено и тоа се моментите кога вирусот се шири - вели д-р Александар Стојанов од скопскиот Центар за јавно здравје.
Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со првата недела од минатата сезона е зголемен за 5,6%.

Најголем број случаи со симптоми на грип се пријавени од подрачјето на Струмица и на Гостивар.
Инаку, во сезоната 2019/2020 (по појавата на првиот случај пред истекот на минатата година) вкупниот број заразени од грип изнесува 1.035.



Епидемиолозите од ИЈЗ велат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Оттаму советуваат вакцинација, особено на лица што им припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6 до 59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени и здравствени работници.

Инаку, во поголемиот дел од земјите во регионот доминантен е грипот од типот А, кој се смета за поопасен.

Заболувањето има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа премаленост, истоштеност, болки во мускулите и во зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција на носот, како и кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите овие симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии, тој процент се движи од 20 до 30 отсто) или, пак, со благи симптоми на настинка.
Во ретки случаи доаѓа до развој на компликации на кои особено се подложни лица со низок имунитет.


Подготвил: Н.Б.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје