X
 10.01.2023 Наша тема

Децата за кои велат дека се со посебни потреби имаат потреба само од љубов и разбирање, вели Цветанка Несторовска, вработена во Црвен крст на град Скопје

Живееме во еден свет каде што љубовта, хуманоста и човечноста полека влегуваат во втор план. Трчаме по пари, функционираме како роботи, без да се запрашаме што навистина нѐ прави среќни. Јас лично со влегувањето во оваа организација станав многу подобар човек. Сфатив дека малите нешта можат да нѐ направат среќни, посочува Цеце

Малите хумани дела кога ќе се мултиплицираат со илјадници луѓе, можат да го трансформираат светот. Цветанка Несторовска, позната како Цеце, се стреми преку својот пример и хумани дела да направи позитивна промена во општеството. Прогласена е за еден од најдобрите работници во Црвениот крст на град Скопје, за нејзината хуманост, несебичност, безрезервна посветеност во помагањето на луѓето, особено на две девојчиња со Даунов синдром.
Да се биде во служба на другите е она што носи вистинска среќа, вели таа. Има неверојатна вредност во тоа да им служиш на другите. Помагањето носи голема сатисфакција.



- На годинешното собрание на Црвен крст една од точките на дневен ред е доделувањето благодарници на луѓе кои придонеле во оваа организација во изминатата година. Јас бев номинирана да ја добијам таа благодарница и ми претставува огромна чест и задоволство што некој ја следел и ја препознал мојата целосна, максимална посветеност и хуманост во она што го работам. Бидејќи навистина го работам тоа со љубов. Со што ја имам заслужено оваа благодарница? Во Црвениот крст на град Скопје работам во сервисот на помагатели на ранливи и целни групи на корисници, а јас лично сум помагател на две ангелчиња со Даунов синдром. Мојата улога како помагател е да ги носам на училиште, да бидам со нив за време на наставата, да им бидам асистент за сѐ што ќе им го олесни учењето. Со Илина сум уште од прва година во средното училиште „Ѓорги Димитров“ и верувајте, почетокот воопшто не беше лесен. Не со Илина, Илина е едно преталентирано и преслатко девојче полно со љубов и насмевка што ми го полни срцето секој ден. Но имав проблем со околината, со децата кои прават разлика меѓу типични и атипични деца, со професорите кои не знаат како да им пристапат бидејќи никој не ги обучил за тоа. Меѓутоа, од денешен аспект гледам како сум успеала сето тоа да го променам и сум навистина горда на себе - ни споделува Несторовска.



Од втора година средно работи и со Ања, која исто така има Даунов синдром.

- Во прва година беше едно мило, повлечено девојче, во истиот клас со Илина. Горда сум што и двете оваа година ќе бидат матурантки, двете се одлични ученички, професорите се презадоволни од нив, а тоа го потврдува и фактот дека се со одличен успех. Секојдневно добиваат пофалби за нивната посветеност на наставата. Многу сме ѝ благодарни на Мери, дефектологот во училиштето, која несебично и максимално ни помагаше за приспособување на материјалот за нивно полесно совладување и на сите, ама баш на сите професори од ова училиште со кои имав и сѐ уште имам одлична соработка.
Денеска овие две, веќе девојки, одлично се дружат со другарчињата во класот, не се прават разлики, не се дистанцирани, полни се со самодоверба, среќни се на крајот од секој училиштен ден - ни сподели Несторовска.



На прашањето што најсилно ја движи нејзината хуманост и енергија, Несторовска вели:

- Живееме во еден свет каде што љубовта, хуманоста и човечноста полека влегуваат во втор план. Трчаме по пари, функционираме како роботи, без да се запрашаме што навистина нѐ прави среќни. Јас лично со влегувањето во оваа организација станав многу подобар човек. Сфатив дека малите нешта можат да нѐ направат среќни. На пример, овие две ангелчиња, Илина и Ања, се деца со чисто срце, полно со љубов, нив не ги прави среќни купувањето скапи работи, брендирани патики, најскап модел на мобилен и ред други работи што другите деца ги прават среќни. Па сега ќе се запрашате кој овде не е во ред. Овие дечиња кои ги нарекуваат со посебни потреби имаат потреба само од љубов и разбирање. А ние сме станале луѓе со „посебни потреби“ бидејќи нашите потреби се навистина посебни: автомобили, нови мобилни, скапи патики, брендирана гардероба, скап парфем, најнов модел на телевизор и никогаш доста. Застанете луѓе, каде отиде човештвото? Во светот постојат гладни, жедни, болни луѓе, подарете насмевка некому, многу ќе му значи. Подарете љубов, бесплатна е. Бидејќи љубовта со љубов се враќа - изјавува нашата соговорничка.


Во иднина би сакала да постојат што повеќе проекти кои ќе им помогнат на сите деца со посебни потреби да имаат лични асистенти, помагатели, образовни асистенти, сите тие деца да го добијат истото право како типичните деца. Да бидат еднакво прифатени и третирани како другите, бидејќи тие го заслужуваат тоа, тие се деца на љубовта, а со љубов овој свет ќе биде многу поубав за сите. Пресреќна сум што работам во Црвениот крст на град Скопје бидејќи знам дека со мојата работа помагам некому, самиот факт дека правам некого среќен ме прави горда и ми дава мотив да продолжам уште повеќе да се вложувам во мојата работа - споделува Несторовска.





Фото: приватна галерија
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема