X
 10.02.2020 Образование

Денеска ќе заседава собраниската комисија за зголемувањето на платите на универзитетските професори

Минатата недела синдикатите предупредија дека истекува рокот за менување на законската регулатива која ќе овозможи зголемување на платите во високото образование

Денеска во 16 часот ќе заседава собраниската Комисија за труд и социјална политика, а една од точките е и предлог-законот за дополнување на Законот за исплата на платите, со што ќе се отвори можноста за 10 отсто да се зголемат платите во високото образование. Ако оваа точка го помине второто читање пред Комисијата, пратениците ќе треба да го изгласаат по брза постапка на 131. седница, во чии рамки предлог-законот е ставен на дневен ред. Предлог-законот го поднесоа пратениците Жаклина Лазаревска, Џеват Адеми, Снежана Калеска-Ванчева и Мирослав Јовановиќ.

Независниот академски синдикат (НАкС) утрово од Собранието побара да се усвои предлог-законот по скратена постапка, за да може да се реализира зголемувањето на платите за 10 отсто. Тие побараа претседателот на собраниската Комисија за труд и социјална политика, Владимир Ѓорчев, да закаже седница за да се откочи целата процедура и да се завршат нештата пред да се распушти Собранието, во пресрет на парламентарните избори закажани за 12 април.

- Бараме процедурата за овој закон да биде откочена и Собранието да го изгласа пред да се распушти, со што ќе покаже вистинска грижа за високото образование во државата. Во спротивно, ќе биде јасно дека покачувањето на платите за вработените во високото образование е предмет на предизборна политичка игра - соопшти НАкС.
За проблемите со кои се соочуваат во високото образование, НАкС во петокот оствари средба и со претседателот на државава, Стево Пендаровски. 

Во меѓувреме, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека тие не ја кочат целата процедура зашто СДСМ имал три години да ги зголеми платите, а ги обвини дека доцнат и цел месец со предлогот.

- Предлогот кој треба да важи од 1 јануари 2020 година е доставен на пленарна седница дури на 4 февруари, со 35 дена задоцнување. Воедно, Министерството за финансии на СДСМ нема обезбедени средства во буџетот за овие исплати - соопштија тие.



Извор: Собрание

Минатата недела синдикатите предупредија дека истекува рокот за менување на законската регулатива која ќе овозможи зголемување на платите во високото образование. Во текот на јануари постојните синдикати здружено реагираа посочувајќи дека Министерството за образование и наука во координација со ректорите на јавните универзитети им наложило на помалите единици да формираат синдикати во рамките на институциите за да постигнат репрезентативност и да потпишат колективен договор со МОН, кој би бил основа за зголемувањето на платите. По неколку прес-конференции, премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката Мила Царовска, министерот за образование и наука Арбер Адеми и ректорите на јавните универзитети соопштија дека техничката влада одлучила зголемувањето на платите да се реализира со измена на соодветен закон.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование