X
 10.03.2019 Наука

За оние што читаат само наслови...

Ново истражување открива дека оние што само читаат делови од нивниот фејсбук-њузфид често мислат дека знаат повеќе отколку што знаат.

Наместо целосно да ги читаат статиите, голем дел од корисниците само ги прегледуваат, така што го преценуваат своето разбирање на одреден проблем. Ова е особено точно за оние чие знаење честопати е водено од силни емоции, па имаат силни ставови и мислења.

- Бидејќи повеќето корисници на социјалните медиуми се изложени само на мал дел политички информации, тие може да добијат илузија дека се политички писмени - пишуваат истражувачите од колеџот „Јорк“ во Пенсилванија.

Истражувачите поделиле речиси 1.000 учесници во три групи за да измерат колкаво знаење стекнале за одреден проблем.

На секоја група ѝ биле дадени вести во малку поразличен формат, а од сите учесници било побарано да пополнат анкета што го мерела нивниот когнитивен стил.

Првата група од 320 учесници била замолена да прочита целосна статија од „Вашингтон пост“ за генетички модифицирана храна. Втората група од 319 учесници добила фејсбук-њузфид со четири прегледи на статии, од кои едната статија била истата од „Вашингтон пост“ за генетички модифицираната храна.

Третата и последна група од 351 учесник не добила никаква информација.

За да го проценат нивното знаење за генетички модифицираната храна, учесниците добиле шест фактички прашања, со пет одговори што можеле да се најдат во рамките на статијата и три одговори што можеле да се најдат во прегледот на фејсбук-њузфидот.

За да се измери нивото на доверба, од учесниците било побарано да проценат колку прашања одговориле точно.

Оние што ја прочитале целата статија правилно одговориле на повеќето прашања, додека оние што го прочитале прегледот на „Фејсбук“ имале само еден одговор плус од оние на кои воопшто не им биле дадени информации.

Дополнително, наодите покажуваат дека луѓето што ги читаат само прегледите се многу посамоуверени во своето знаење. Уште повеќе, оние учесници чиј когнитивен стил е повеќе воден од емоциите имаат тенденција да бидат сигурни во своите ставови.

Оваа „потреба за влијание“ во суштина значи дека учесниците имаат силни реакции или интуиции што не ги доведуваат во прашање. Со други зборови, чувството да се биде точен и во право е позадоволувачки за многу луѓе отколку навистина да се биде точен.

- Оние што се повеќе водени од емоции дозволуваат позитивните чувства поврзани со тоа да се во право да ја надминат потребата навистина да се во право - пишуваат авторите.

За жал, оваа лажна доверба може да има сериозни последици. Не само што ги прави корисниците поподложни на лажни вести и дезинформации, туку и поларизирани и политички неинформирани.

Просечниот корисник на „Фејсбук“ кликнува на 7 отсто од политичките вести во нивните њузфид, што значи дека огромен дел од времето луѓето добиваат мала доза информации и голема доза погрешна доверба.

- Додека „Фејсбук“ сè повеќе се користи како извор на вести, преголемата самодоверба на публиката би можела да биде потенцијално проблематична, особено ако перцепцијата за знаење е базирана на дезинформации - заклучуваат авторите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука