X
 10.03.2023 Живот

Вселенското летало „Џуно“ на НАСА направи најчисти фотографии од месечината Ија

На 1 март вселенското летало „Џуно“ на НАСА прелета покрај месечината на Јупитер, Ија, приближувајќи се на 51.500 километри. Во текот на овој процес леталото успеало да направи неверојатни фотографии од вулкански најактивното тело во Сончевиот Систем.

Неверојатните фотографии даваат најдобар и најблизок поглед на Ија откако вселенското летало „Њу хорајзонс“ прелета покрај системот на Јупитер на пат кон Плутон во 2006 година.

Оваа месечина е најактивниот вулкански свет во Сончевиот Систем, со стотици вулкани чија лава се простира на стотици километри.

Поради постојаните ерупции и интензивното зрачење, научниците веруваат дека е малку веројатно таму да се развила каква било форма на живот.

Малку поголема од нашата Месечина, Ија е третиот по големина природен сателит на Јупитер и петти најоддалечен од планетата. Активните вулкани на ова небесно тело постојано ја менуваат неговата површина, што прави речиси невозможно да се најдат траги од кратери, наведува НАСА.

Ија ја има најмладата површина во Сончевиот Систем, а се верува дека се потребни околу милион години за целосно да се промени. Сулфур диоксидот е примарна состојка на ретката атмосфера на месечината, а сулфурните соединенија се одговорни за нејзиниот колоритен пејзаж, во кој доминираат црвената, портокаловата, жолтата, зелената и белата боја.

Температурата на површината на Ија е околу -130 Целзиусови степени, но вулканите можат да бидат пеколно жешки со температура што надминува 1.000 степени. Поради ова, Ија често се нарекува вселенско тело направено од оган и мраз.

„Џуно“ ќе помине покрај оваа месечина на 16 мај, на растојание од 35.000 километри, додека на 3 февруари 2024 година ќе прелета на растојание од само 1.500 километри.

Извор: Science Alert
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот