X
 10.04.2020 Живот

Од живот на улица во Ниш, преку дом за деца, Мети стасал до својот прв роман

Мети Камбери е 19-годишник од Ниш, Србија, кој, како што вели самиот, успеал да си го промени животот.

Од живот на улица, престој во дом за незгрижени деца, менување училишта и проблематично друштво, Мети израснал во автор на роман и сега е на пат кон студиите, пренесува Би-би-си на српски.

Неговиот роман „Град на болката“ излезе од печат на почетокот од месецов.

- Не сум среќен, не можам да бидам среќен со ваква приказна, со оглед на тоа низ што сѐ поминав. Но, мислам дека чувствувам некое задоволство што излезе книгата. Без разлика кој успех ќе го доживеам, она што го поминав досега во животот секогаш ќе ме следи - вели тој.


Мети додава дека љубовта кон книгите му ја всадила воспитувачка од домот за незгрижени деца во Ниш, каде што Мети живеел од 12-тата година.

- Таа еден ден ми даде книга и ми рече: „Земи, прочитај ја“. Така ја засакав книжевноста. Да ми дадеше учебник по архитектура, сигурно ќе станев архитект - вели Мети.


Првата книга што ја прочитал била „Доброто дрво“ од Шел Силверстајн, а потоа следувала „Малиот принц“ на Антоан де Сент Егзипери, па романите на Ерих Марија Ремарк и многу други.

Тој вели дека омилена книга му е „Ловец на змејови“ од Халед Хосеини. Хосеини го инспирирал главниот лик во сопствениот роман да го крсти Амир, како еден од ликовите во книгата на Хосеини.

Она што му се случувало во животот Мети го преточил во романот „Град на болката“. Според Мети, книгата е комбинација од автобиографија и фикција.

- Книгата е пишувана во прво лице и почнува од осмата година од мојот живот. Ја пишував со цел да ги облагородам луѓето што живееле или живеат на начинот на кој живеев јас - вели Мети.


Тој смета дека книгата би требало да ја читаат и децата што живеат во нормални фамилијарни услови за да видат дека постои еден свет со кој не се сретнале.

- Сменив пет основни училишта, што е многу тешко за дете во тој период, и често завршував во лошо друштво. Верувам дека човек мора да се изгуби за да се пронајде, а мене ми се случи тоа - вели Мети.


А кога се пронашол, успеал да си го промени животот.

- Кога отидов во дом за незгрижени деца, бев желен за сѐ. Во хранителските фамилии се однесував онака како што ми беше сервирано. Ако ми беше пружено да се коцкам, се коцкав и добро го правев тоа. Се случуваше и да просам - раскажува момчето.


Мети решил да учи, па завршил средно, а сега сака да продолжи на Филозофскиот факултет и да се школува за социјален работник.

- Мојот живот е како филм, некогаш мислам дека го сонувам сето ова, дека еден ден ќе се разбудам и пак ќе бидам на улица. Воодушевен сум и се надминав себеси - вели Мети.


Автор: Урош Димитријевиќ
Извор: Би-би-си на српски
Насловна фотографија: Би-би-си на српски
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот