X
 10.04.2021 Здравје

Медитеранската исхрана не ве прави поздрави само вас, туку и вашето семејство

Следењето на медитеранската исхрана е добро за вашето здравје, но и за оние што живеат со вас, покажува ново истражување.

Членовите на семејството на луѓето што ја следат ваквата исхрана ослабеле и ги подобриле навиките за јадење, дури и кога не следеле специфичен режим на исхрана, покажува истражување објавено во „Интернешнал џурнал оф обисити“.

Медитеранската исхрана се базира на навиките за јадење во земји како Шпанија, Италија и Грција. Таа претставува една од најпопуларните и најпрепорачувани режими на здрава исхрана и придонесува за губење на телесната тежина, регулација на хормони, здраво варење на храната и подобро физичко и ментално здравје со текот на стареењето.


Фото: Pixabay

Истражувачи од „Хоспитал дел мар“ и други институти за медицинско истражување во Шпанија набљудувале 114 члена на семејства на лица што биле дел од истражување за медитеранската исхрана. Учесниците во истражувањето требало да ја следат оваа исхрана, но не и членовите на нивното семејство. До крајот на двегодишното истражување членовите на семејството на учесниците во истражувањето ослабеле и започнале да следат здрави прехранбени навики што се препорачуваат во медитеранскиот режим на исхрана.

Според истражувачите, здравите прехранбени навики се шират во домаќинството кога луѓето готват и јадат заедно. Овој ефект бил посилен кога лицата што биле на режимот на исхрана истовремено и готвеле во домот, односно подготвувале здрави оброци за целото семејство.


Фото: Pixabay

Околу 20% од учесниците во истражувањето изјавиле дека нивните партнери им се придружиле на редовните сесии за советување во рамките на истражувањето.

Во истражувањето, учесниците биле охрабрени да прават физички активности, но ова не ги поттикнало членовите на нивното семејство да вежбаат повеќе.

Автор: Геби Лендсверк
Извор: insider.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје