X
 10.05.2018 Забава

Тајната на песната „Purple Rain“

Последната песна што Принс ја изведе беше „Purple Rain“, на концерт во Атланта десетина дена пред неговата смрт. Медиумите пренесуваа дека Принс бил осветлен од пурпурниот рефлектор во облик на месечина и го извел своето завршно ремек-дело, емотивната верзија на песната која му беше заштитен знак. Тој ја создал песната пред 35 години, а фановите сѐ уште се обидуваат да ја дешифрираат.

Кога во 1984 година излезе филмот „Purple Rain“, Принс веќе пловеше на брановите на „виолетовиот дожд“ и истоимениот албум според многумина претставува пресвртница кога станува збор за неговиот лик и дело.

- Во тој момент Принс стана Принс кој го знаеме денес: бизарен експериментатор и поп-гениј во едно - смета музичкиот критичар и новинар Алан Лајт, кој во книгата „Let's Go Crazy“ откри детали за култниот филм и албум „Purple Rain“.

Секоја песна од овој албум стана класика, но приказната зад песната останува мистерија.

- Она што го инспирира Принс да ја напише „Purple Rain“ е тоа што во текот на турнејата „1999“ тој ги следеше настапите на Боб Сегер и многу го интересираше зошто Сегер е толку голема ѕвезда, особено во средниот запад. Мет Финк, клавијатурист, се сеќава дека разговарал со Принс и рекол: „Тоа е поради баладите што ги пишува Сегер. Песните како што се „We've Got Tonight“ и „Turn The Page“. Тоа го сакаат луѓето. Принс се обиде да напише таков тип рок-балада и резултат беше „Purple Rain“ - откри Лајт.

Наводно, прво било замислено песната да биде во кантри-стил и Принс планирал да ја изведе со пејачката Стиви Никс. Таа подоцна изјави дека се откажала од тој проект откако го слушнала инструменталниот дел.

- Ја слушнав и се преплашив. Го викнав и му реков: „Јас не можам. Би сакала да можам, но тоа е премногу за мене“ - изјави Стиви.

Потоа Принс го напишал текстот и ја снимил песната, летото 1983 година. Во филмот се покажа дека песната не се однесува на неговата девојка, туку на неговиот татко, што дополнително го искомплицира толкувањето на песната. Се споменуваа дрога, религија и скршено срце.

Сепак, најверојатно објаснување е дека песната говори за крајот на светот, тема која го интересирала Принс во тоа време. Лично тој го навести тоа.

- Кога на небото има крв, црвеното и синото даваат виолетово. Виолетовиот дожд се однесува на крајот на светот, кој треба да го дочекаш со некој што го сакаш и да оставиш верата да те води низ виолетовиот дожд - откри Принс во една пригода.

Во тој контекст звучи уште помоќно, зарем не?


Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава