X
 10.07.2019 Живот

Русите забрануваат употреба на телефони во училиштата

Предлогот во руските училишта да се забрани употребата на мобилните телефони предизвика дебата во руската јавност, а мислењата за ова прашање се поделени. Таквата мерка, според експертите, има предности, но и недостатоци.

Иницијативата за забрана на користење телефони во училиштата ја поддржа претседателката на Советот на Руската Федерација, Валентина Матвијенко, која смета дека ова прашање треба да се реши до почетокот на новата учебна година, 1 септември.

Таа смета дека мобилните телефони им пречат на учениците и им го одвлекуваат вниманието од лекциите, а исто така создаваат и социјална нееднаквост. Покрај тоа, Матвијенко укажува дека проблемот е и тоа што во училиштата не постои место каде што овие уреди може да се чуваат, а директорите на училиштата не сакаат да преземат таква одговорност.

Матвијенко напоменува дека многу наставници, директори на училишта и родители се противат на употребата на телефоните во училиштата, особено во пониските одделенија.

mobilen

Таа исто така го насочува вниманието на уште една опасност за денешните деца, а тоа е интернетот. И покрај фактот што може да има и позитивен аспект - им помага на адолесцентите да учат и да се развиваат, носи и многу опасности. Според нејзините зборови, за овие деца да бидат заштитени, неопходно е правилно да се искористи потенцијалот на мрежата.

Забрана за употреба на мобилните телефони во училиштата постои во многу земји, како Велика Британија и Франција, додека во Русија досега немало закон за целосна забрана. Сепак, Одделот за образование и Националниот сојуз на наставници препорачуваат секое училиште да воведе локални акти за забрана на мобилни телефони и други „паметни уреди“ во образовните установи.

На прашањето дали наставникот или училишната управа може да им забрани на учениците да користи мобилен телефон и паметни уреди на територијата на образовните установи, одговорот е - да.

Забрана само во текот на часовите?

Актуелниот руски закон што ја опишува должноста на ученикот наведува дека учениците треба да се придржуваат до одредбата на статутот на организацијата што ги извршува образовните активности и да ги почитуваат внатрешните прописи, честа и достоинството на другите ученици и вработените во образовната установа, не создавајќи препреки за другите да се образоваат.

Ако прописите на училишната администрација забранат употреба на мобилните уреди во статутите или интерните правила, родителите на учениците автоматски ќе се согласат со нив од моментот на влегувањето на детето во образовната установа.

Претседателот на Одборот за работа, социјална политика и ветерански работи, Јарослав Нилов, смета дека предлогот има и предности и недостатоци. Од една страна, телефоните навистина им го одвлекуваат вниманието на учениците на училиште, а од друга страна, тоа е можност родителите да бидат постојано во контакт со децата.

Тој смета дека треба да се забрани употребата на телефоните во текот на часовите, но дека не би требало да има целосна забрана, со оглед на тоа што е нормално да се користи телефонот пред училиште, по училиште, во текот на одморите, вклучувајќи ја и комуникацијата со родителите.

Претходно за ова прашање се огласи и Василиј Васлов, член на Комитетот за физичка култура, спорт, туризам и младина, кој повика на подобрување на квалитетот на наставата во училиштата, со што би се одвратило вниманието на децата од користењето паметни телефони. Тој смета дека во училишното образование треба да се воведе модерната технологија: да се користат таблети во училницата, да се отвори мобилна апликација со домашни задачи и слично.

Меѓу руските политичари постои мислење дека идејата за забрана е невозможно да се имплементира, така што постојат сугестии дека треба да има специјални кабинети за складирање на мобилните уреди. Во некои руски училишта веќе постојат такви кабинети каде што децата ги оставаат телефоните пред почетокот на часовите, а истовремено им се на располагање на наставниците да комуницираат со родителите.

Шефицата на Рускиот национален комитет на родители, Ирина Волинец, смета дека постојат мали шанси повеќето луѓе да се согласат на ова. Особено родителите на основците, но и на средношколците.

Таа посочува дека ова не е првпат да се ограничи употребата на мобилни телефони во училиштата. Сепак, тоа претходно не беше целосна забрана, туку само ограничување. Волинец истакна дека е оправдано да се ограничи употребата на телефонот во училницата бидејќи детето треба да биде во контакт со родителите во текот на денот и дека родителите имаат можност да проверат што прави детето.

Една неодамнешна анкета, спроведена од лабораторијата „Касперски“, покажа дека околу 85 отсто од децата признаваат дека не можат без паметен телефон.

Речиси половина од децата признаваат дека од своите родители кријат две работи: прво, времето што го поминуваат на интернет, а второ, содржината, односно веб-страниците што ги посетуваат и што прават на нив.

Според компанијата, девет од десет деца играат компјутерски игри.

За тоа дали да се забранат мобилните во училиштата сега во Русија полемизираат сите - и наставниците, и децата, и родителите. Едно неодамнешно истражување покажало дека 83 отсто од Русите сметаат дека телефоните им пречат на децата во учењето и треба да се воведе забрана за употреба на мобилните на часовите. Исто така, повеќето од нив, 69 отсто, се уверени дека воведувањето на таквите ограничувања би им помогнало на децата да учат подобро. Само мал број Руси се скептични за овој предлог - веруваат дека таквите ограничувања нема да променат ништо.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот