X
 10.07.2020 Наука

Женките бабуни го држат бебето на левата рака од иста причина како и луѓето

Истражување на меѓународна група научници во 2017 година покажало дека до 72 отсто од жените го држат бебето на левата рака. Постојат неколку образложенија, но најчести се дека тоа е предизвикано од желбата детето да се држи поблиску до срцето или да се ослободи десната рака, со која мајките мора да работат нешто друго. Меѓутоа, објаснувањето на авторите на студијата било малку посложено.

Според нивните откритија, навиката на мајката да го држи бебето на левата страна има физиолошки и еволутивни корени. Предметите/објектите/луѓето на левата страна од видното поле се обработуваат со десната страна на мозокот, која е во состојба да открие суптилни емоционални промени. Така, мајката, кога го држи бебето на левата страна, подобро ја разбира емоционалната состојба на детето.

Покрај тоа, истражувачите откриле дека положбата на новороденчето на десната рака често е поврзана со постпородилна депресија кај мајките. Според нив, оваа ситуација би можела да пречи во комуникацијата меѓу мајката и детето и да влијае врз емоционалната перцепција.

Студијата што ја спровеле научниците од Францускиот национален центар за научни истражувања исто така покажала поврзаност меѓу поголемиот стрес и положбата на бебето на десната рака кај мајките маслинести бабуни (Papio anubis). Научниците го проучувале однесувањето на 44 женки и откриле дека тие, исто како луѓето, го држат бебето на левата рака.

- Истражувањата покажаа дека за мајките, левата страна претставува „колепка“ за бебето во речиси идентичен процент (67,45) како и кај луѓето (64% во последното истражување) - наведуваат авторите на студијата.

Слични резултати во претходни студии се утврдени во однесувањето на хуманоидните мајмуни - шимпанза и горила. Меѓутоа, бабуните многу помалку се поврзани со луѓето, па научниците веруваат дека држењето на бебето на левиот колк или на левата рака може да има многу подолга историја отколку што се смета, а се однесува на заеднички предок на луѓето и бабуните, кој живеел пред 25-35 милиони години.

Извор и насловна фотографија: National Geographic
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука