X
 10.07.2021 Наша тема

Јована Добрева од ФИНКИ, добитник на „Инженерски прстен“, порачува: Ќе имате и добри и лоши денови, но не треба да се откажувате затоа што знаењето е стекнато, а не вродено

Оваа година повторно се одржа свеченото доделување на „Инженерските прстени“ за најдобрите дипломци на техничките факултети од страна на Инженерската институција на Македонија, а под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски. Дипломец-добитник на прстен од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство оваа година беше Јована Добрева, сегашен студент на мастер-студии на ФИНКИ, а воедно и демонстратор (асистент) на факултетот.

Низ неколку прашања Јована ни го долови ФИНКИ како вистинско место за идните успешни инженери, кои се гледаат себеси во светот на програмирањето и науката.

Како го доживувате доделувањето на овој прстен?

-Навистина е голема чест и задоволство кога целокупниот труд и знаење стекнато низ студиите досега ќе биде наградено од страна на врвни професори и инженери. Јас не се чувствувам поразлично од вчера, но сум погорда на тоа дека нашата земја сепак им дава поттик и мотивација на студентите кои вложуваат во своето образование. Оваа награда се вбројува во оние животни достигнувања што се претвораат во мотивација, па јас ќе се трудам да ја оправдам.



Кои беа принципите за успешното образование што Ве доведоа до признанието „Инженерски прстен“?

-Во целиот процес на образованието кај мене постоеја амбицијата и желбата за знаење како движечки сили. Уште од основно образование активно учествував на натпревари и секции поврзани со физиката и математиката, од кои можам да ги издвојам проектите по физика кои ги изработував заедно со татко ми, од каде што и произлезе желбата да се насочам кон оваа област. Така и понатаму продолжив со средното образование во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ на насоката природно-математичко А, што придонесе со многу нови знаења од областите што ме интересираа. Можам да кажам дека „Корчагин“, освен што е позната по математиката, исто така е една од гимназиите каде што секциите за драма и литература се доста активни, каде што ми беше задоволство да учествувам. Пред запишувањето на ФИНКИ се сеќавам дека учествував на неколкудневна работилница Skopje2Web, каде што некои од сегашните професори имаа предавања во амфитеатарот на ФИНКИ, кои беа доста интересни. Па така и произлезе идејата и одлуката да се запишам токму на овој факултет, а по запишувањето ми се потврди дека сум ја направила најдобрата одлука. Понатамошната мотивација во ова поле произлезе од професорите кои од година на година ги запознавав на факултетот. Генерално принципот по кој се водев беше да не се цели кон успех во оценките, туку кон успех во знаењето, а самите оценки произлегуваа како афирмација на стекнатото знаење.

Какви се Вашите планови за инженерската иднина?

-Јас сум меѓу ретките студенти што ја имаа можноста веднаш по завршувањето на студиите да се вработат токму на Факултетот на кој до неодамна беа студенти. Ми претставува особена чест, но и обврска да ја оправдам довербата што ми е доделена. Тоа води и кон насоката на моите идни планови, да продолжам да учам, проучувам, истражувам и градам академска кариера. Со тоа што останувам во високото образование се надевам дека низ годините и ќе придонесам за неговиот развој. Факултетот овозможува услови за научна работа, објавување научни публикации, но и апликативна дејност на проекти. Засега се пронаоѓам во полињата на Data Science, NLP - Natural Language Processing, Machine Learning. Работам активно на проекти кои се поврзани со медицински податоци и примена на вештачката интелигенција во овој домен.

Какво е чувството да бидеш најдобар меѓу најдобрите?

Самиот факт дека на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство се запишуваат најдобрите студенти од целата држава ми беше дополнителен мотив уште повеќе да се насочам кон надградување на знаењето. Определбата да се насочам во областа на машинското учење произлезе со предметот Веројатност и статистика, кој за мене беше еден од поинтересните предмети на факултетот. Потоа, во последните две години од студиите слушав доста предмети што беа поврзани токму со вештачката интелигенција. Мислам дека кога човек го учи тоа што му претставува желба и пасија, резултатите се неизбежни. Секако дека чувството е извонредно, но мора да напоменам дека тоа не ми бише целта, едноставно во текот на студирањето наидов на многу предмети и професори кои претставуваа извор на ново знаење, каде што со секојдневното присуство на предавањата многу полесно ги совладував предметите и предизвиците што доаѓаа со нив.



Која е Вашата клучна порака/апел за Вашите колеги од инженерската струка?

-На сите вие што сега започнувате или сте во тек со вашите студии, треба да знаете дека
сите ние почнавме како едни од илјадниците студенти запишани во прва година. Јас,
исто како и мноштвото студенти, имав трема и страв од првиот час, првиот испит,
првата оценка. Низ овие четири години од студирањето ќе имате и добри и лоши денови,
сите тие се дел од животниот пат и не треба да се откажете затоа што знаењето е стекнато, а не вродено. Затоа, низ студирањето обидете се да научите повеќе од вашите професори и да се стекнете со барем еден дел од нивното знаење кое несебично ви го пренесуваат.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема