X
 10.07.2022 Уметност

25-годишен уметник создава неверојатни цртежи на машина за пишување

За 25-годишниот уметник Џејмс Кук од Лондон, цртањето портрети било вистинска борба. Но, сето тоа се променило кога ја открил алатката што денес за него е нешто по кое е препознатлив - машината за пишување.

Кук создава неверојатни цртежи користејќи ја неговата колекција од повеќе од 40 машини за пишување, од кои голем дел му биле донирани од љубители на неговата работа.

Неговите уметнички дела се од слики на згради и пејзажи до портрети на животни и познати личности, како Том Хенкс.


Џејмс користи случаен избор на букви, бројки и интерпункциски знаци за да ги формира своите ремек-дела.

Тој почнал да создава уметност со машина за пишување во 2014 година, кога ги открил делата на Пол Смит, американски уметник кој исто така создавал уметнички дела на машина за пишување во 20-тите години.

- Од љубопитност одлучив да купам машина за пишување. Оттогаш, малку по малку, научив да цртам - вели Џејмс.


Сега, Џејмс има голем број следбеници и поддржувачи на „Инстаграм“, каде што објавува фотографии и видеа од неговата работа.

За да ги создаде неговите мали илустрации, кои ги прави на А4-хартија, потребни му се четири до пет дена иако на портретите им посветува многу повеќе време.


- Никогаш не е полесно, секогаш е вистински предизвик - вели Кук.

Процесот на создавање уметност на машина за пишување го опишува како загатка од букви, бројки и интерпункциски знаци. За создавање на кривините, користи симболи за загради и го користи симболот @ за засенчување бидејќи лесно може да покрие голема површина.


Кука обожава да ја создава својата уметност надвор, каде што често им го привлекува вниманието на минувачите.


- Луѓето се збунети на почеток затоа што мислат дека пишувам - вели тој.
Се надева дека ќе влезе во Гинисовата книга на рекорди за најголемиот направен цртеж на машина за пишување.

Извор: Euronews.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност