X
 10.08.2021 Здравје

Што треба да знаете за анемијата кај трудниците, објаснува д-р Ивана Галачев

Бременоста е посебен период за жената, во кој телото претрпува бројни промени со цел успешно адаптирање кон таа уникатна состојба. Една од многуте промени е зголемување на количината на крв во телото на трудницата, со која освен телото на трудницата се снабдуваат со кислород и хранливи материи и плодот и постелката. Заради тоа во бременоста се зголемуваат дневните потреби од железо, кој е градивен елемент на хемоглобинот, клучниот протеин во црвените крвни клетки наречени еритроцити. Овие зголемени потреби доаѓаат до израз од вториот триместар на бременоста, период кога трудницата најчесто може да развие анемија поради недостаток на железо, т.н. железо-дефицитна анемија.

За трудницата бременоста е едно ново доживување, па дури и кога станува збор за наредна бременост, бидејќи секоја бременост е различна. Во овој посебен период трудницата треба да прави редовно контрола кај матичниот гинеколог. При првата посета, покрај гинеколошкиот преглед и акушерскиот ултразвук, потребно е да се направи и анализа на крвта и на урината. Со анализата на крвта, меѓу другото, се добиваат и податоци за бројот на црвени крвни клетки (еритроцити), нивото на хемоглобин (HGB), процентот на хематокрит (HCT) и нивото на серумско железо (Fe). Овие анализи продолжуваат да се прават рутински во текот на целата бременост. Нивната цел е да се откријат случаите на анемија кај трудниците.

Анемијата во бременост се дијагностицира кога трудницата се жали на одредени симптоми како: замор, вртоглавица, краток здив, срцебиење, слабост, главоболка, светкавци пред очи, градна болка, иритабилност и/или доколку при преглед гинекологот забележи појава на бледа пребоеност на нејзината кожа и слузниците, а состојбата се потврдува со анализа на крвта, кога бројот на еритроцити е под 3,5 на 10/9/L, хемоглобинот е под 110g/L, хематокритот под 32%, и серумското железо под 10g/L. При бременост, најчесто станува збор за железо-дефицитна анемија. Оваа анемија е од типот стекнати анемии. Стекнати анемии се и анемијата како резултат на загуба на крв, мегалобластната анемија и други. Од друга страна анемијата може да биде и наследна, т.е. вродена како српеста анемија, таласемија, хемоглобинопатија и наследна хемолитичка анемија. Во овој случај, бременоста не е причина за ваквиот тип на анемии, но може да ја влоши состојбата на трудниците кои биле анемични и пред бременоста.

При патот на бременоста трудницата е придружувана од својот матичен гинеколог. Гинекологот треба да ги препознае ризичните фактори за појава на железо-дефицитната анемија во бременоста. Под ризик се пациентките кои уште пред да забременат имале намалени резерви на железо во организмот. Со ризик се и оние трудници кои носат повеќе од еден плод, или кога претходното породување било пред неполна година, потоа кога трудницата имала анемија и во претходната бременост. А тука се и пациентките кои забременуваат многу млади, како граница 20-годишна возраст.

Целта на честите контроли кај матичен гинеколог е да се спречи појавата на железо-дефицитната анемија во бременоста. Пациентките се советуваат да консумираат исхрана богата со железо и да ги пијат пренаталните витамини, кои најчесто во својот состав имаат железо. Прехранбени продукти богати со железо се: месото (телешко, свинско, јагнешко, џигери, пилешко, риба), жолчка од јајце, коренести растенија (цвекло, морков), зелјести растенија (спанаќ, блитва, броколи), легуминози (грав, леќа), овошки (боровница, борум), јаткасти плодови (кикиритки, ореви, бадеми) и коприва. Витаминот Ц ја подобрува апсорпцијата на железото во исхраната. Затоа се препорачува да се користат продукти кои се богати со витамин Ц. Тоа се соковите од цитрусните овошки (лимон, портокал, цитрон). Сокот од портокал е најчесто користен од страна на трудниците. Како варијанта богата со витамин Ц е и сокот од домати. Од друга страна се советува да не со консумира храна која ја намалува апсорпцијата на железо. Тоа се пред сè кафето, чајот и продуктите кои содржат калциум како млекото и млечните продукти. Доколку и покрај диететскот режим трудницата развие железо-дефицитна анемија се воведува терапија, која, во принцип, ако пациентката реагира добро по нормализирање на нивото на хемоглобин, се продолжува уште 3 месеци. Првиот месец се враќа во нормала нивото на хемоглобинот, а другите три месеци се пополнуваат резервите со железо во организмот. Антианемичните лекови најчесто се пијат на гладно со сок од портокал, 1 час пред оброк. Со некои препарати на база железо потребно е да се пие и витамин Ц, други пак препарати содржат дополнително витамин Ц или станува збор за формула на препарат на железо која самата овозможува апсорпција. Задолжително при препишување на антианемичната терапија трудницата треба да се информира за несаканите ефекти, кои најчесто се ретки. Тоа се: мачнина, повраќање, зголемена желудочна киселост, дијареја, запек, стомачни болки и темнозелена пребоеност на столицата.

Можеби анемијата, пред сè, железо-дефицитната анемија кај трудници е честа појава, па некои не ја сметаат за загрижувачка. Сепак, тешката анемија го зголемува ризикот за предвремено породување или за раѓање на бебето со мала родилна тежина. Потребата од навремено коригирање на анемијата не е само плодот туку и мајката. Со чинот на породување трудницата губи крв и тоа во просек пола литар при вагинално породување и еден литар при царски рез. Заради тоа оние трудници кои не се анемични подобро се справуваат со овој неминовен губиток. Од друга страна, оние мајки кои се анемични тешко го поднесуваат постпородилниот период и имаат тешкотии со продукцијата на мајчино млеко.

Гледајќи ја целата слика, идните мајки и оние кои повторно го одат овој пат треба да бидат информирани дека анемијата во бременост е ризична и за нив и за нивното бебе. Затоа улогата на матичниот гинеколог е да ја спречи нејзината појава и, доколку се појави, навреме да ја препознае и да ја лекува. Целта на сето тоа е успешно износена бременост, успешно справување на трудницата со чинот на породување и успешен постпородилен период со брзо закрепнување на мајката.

Д-р Ивана Галачев
специјалист акушер гинеколог
ПЗУ Промедика – Кочани
Подготвил: д-р Ивана Галачев

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје