X
 10.09.2018 Култура

Неверојатниот ум на Робин Вилијамс

- Беше како секс, само без чувството на вина - раскажува Робин Вилијамс во една сцена од документарецот „Робин Вилијамс: во мојата глава“ за својот настап за време на студирањето глума на „Џулијард“, кога успеал да ги насмее сите, вклучувајќи го и легендарно индиферентниот професор. Она што треба да го знае секој гледач, секој обожавател на ликот и делото на овој американски комичар е дека тој зборувал за дрога. Бидејќи предаденоста на Робин Вилијамс на комедијата, неговиот брз настап и начинот на размислување, неговата плодност во смислување нови шеги и досетки, неговата зависност од смеата, за него биле како дрога. Со хуморот тој се бранел од светот и во него ја потопувал својата болка. Од него никогаш не му било доста.

Документарецот што Марина Зановиќ го снимила за Ејч-би-о за Робин Вилијамс низ голем дел од неприкажан материјал и коментар од сведоците што присуствувале на снимањето на оние материјали што ги имаме видено - зборува токму за тоа - навидум најмалку опасната и најмалку погубната зависност на легендарниот американски комичар. Неговиот ум, кога станува збор за смеење на публиката, навистина работел со брзина што е тешко да се дефинира. Но, во таа брзина, во тоа манично и урнебесно зборување, на Робин Вилијамс му се случувало и некогаш да открие нешто што можеби не го сакал.
- Внимавајте, кога многу зборувате, би можеле да откриете и нешто што не сакате - му рекол психијатарот во една пригода.

1
Фото: Mark Sennet HBO


На Вилијамс тоа му се случувало постојано, а еден од најочигледните примери е неговиот настап на доделувањето на наградите на критичарите, кога Џек Николсон го повикал на сцената да одржува говор наместо него. Настапувајќи прво како Џек Николсон (бидејќи Вилијамс бил надарен имитатор), во другиот дел на говорот, кој целосно е прикажан во овој документарец, Робин Вилијамс всушност открил дека е погоден со тоа што токму тој не ја освоил наградата и што го надминале дури двајца актери.

Фановите на Робин Вилијамс сигурно ќе бидат трогнати од филмот. Во него животот на Вилијамс се следи од мирното растење на американскиот среден запад, каде што како единствено дете живеел со татко си, кој постојано патувал, и со мајка си, која имала чудна смисла за хумор и очигледно му ја пренела на синот. Вилијамс се потсетува дека неговиот татко бил малку ладен човек, ретко се смеел, освен кога гледал „Тунајт шоу“. Токму ова го поттикнало младиот Вилијамс да се занимава со комедија, а раните снимки од неговите обиди - како онаа во која на завршната училишна приредба имитира еден професор - покажуваат дека имал вродена дарба.

Документарецот отворено зборува и за првите проблеми на Вилијамс со зависноста, која настанала во текот на 70-тите, додека глумел во серијата „Морк и Минди“. Интересна е приказната за тоа како Вилијамс првпат зел дрога - поради стравот што го доживеал кога починал неговиот близок пријател Џон Белуши.

Борбата на Вилијамс со зависноста, иако долги години успевал да биде чист, никогаш не престанала - ѝ се враќал во разни форми бидејќи очигледно по природа бил наклонет.

Но, она што може да му се замери на документарецот е дека не навлегува премногу во врската помеѓу комичарскиот маничен ум, зависноста и депресијата и не се занимава со тоа колку е тенка линијата помеѓу зависноста и хуморот. Најблиските пријатели на Вилијамс, вклучувајќи го и познатиот комичар Били Кристал, во документарецот зборуваат за неговото трагично самоубиство, за тоа како дијагнозата од Паркинсоновата болест, лековите што ги земал, па и последователната депресија дефинитивно имале врска со трагичниот чин, но сите остануваат на претпоставки, матни и неистражени.

Сепак, очигледно е дека Вилијамс имал депресивна нота во неговата личност и многу пред оваа дијагноза. Филмот вреди да се погледне - особено ако сте фан на Вилијамс.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура