X
 10.09.2021 Наша тема

Дамјан Каранфиловски - двократен првак на државни натпревари: „Во хемијата се крие формулата за опстанокот“

Хемијата може да му помогне на човештвото преку наоѓање еколошки алтернативи на веќе постојни хемиски процеси во сите индустрии, но оние што ѝ се посветуваат на оваа наука мора во образованието да имаат можности и да експериментираат, вели талентираниот млад хемичар од Битола

Додека повеќето средношколци маки мачат со јонските, ковалентни врски, органски соединенија и слично, Дамјан Каранфиловски, ученик од трета година во гимназијата „Јосип Броз –Тито“ во Битола, на два последователни државни натпревари по хемија ги освои првите места. Беше државен првак во 2019 година, лани прв на општинско ниво, но поради пандемијата, не се одржаа понатамошните натпревари, и годинава повторно прв од сите натпреварувачи по хемија од втора година во Македонија. Неговата збирка на освоени награди во текот на образованието е голема, од постигнати успеси по математика и по странски јазици, но искрено признава дека иако блиските го мотивираат да оди и на други натпревари, веќе знае во кое поле сака да гради кариера и најмногу е посветен на тоа.

Наместо сликовници, разгледувал енциклопедии

- Натпреварот се одржа во јуни со физичко присуство на Институтот за хемија на Природно- математичкиот факултет. Кога ги истакнаа резултатите пред факултетот, прво што сакав да видам е колку бодови имам освоено, а не кое место сум - 40 од вкупно 50 поени. Во неколкуте секунди што следуваа бев разочаран и ми требаа уште неколку моменти да се свестам дека конкуренцијата беше голема. Преостанатите беа со 33 бода, односно седум зад мене. Може да се каже дека овој натпревар беше клучен чекор за постигнување на моите идни амбиции, не само што го постигнав тоа за кое се трудев цели шест месеци, туку освоив и прво место - раскажува тој.



Каранфиловски не може точно да се сети на моментот кога му се јавила љубовта кон хемијата. Дали таа љубов била предизвикана од многуте денови што како мал ги минал помагајќи му на татко му во градина и набљудувајќи го микроскопскиот екосистем. Или, пак, од раните години поминати разгледувајќи слики во енциклопедии наместо сликовници?

- Сигурен сум дека не сум вљубен конкретно во хемијата, бидејќи таа е само инструмент преку кој можам да го разберам она во кое најпрво се вљубив, а тоа е живиот свет околу нас. Од сите природни науки, хемијата има посебно место во моето срце бидејќи нејзин предмет на изучување се елементите и безбројните соединенија што тие ги градат. Без нив што би постоело? Како ќе се изучува физика без универзалните градбени единки што ги градат телата? Како ќе се изучува биологија, живиот свет, без биолошките реакции кои го овозможуваат тој живот - вели Каранфиловски.

Гордост за менторите што соработувале со него

Талентот кон хемијата кај него прва го забележала наставничката Рената Петровска од Основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола. Дамјан вели дека верувала во него кога никој друг, дури ни самиот тој, не се осмелил да помисли дека ќе постигне ваков успех.

- Јас имам еднаков пристап кон сите ученици и сакам да им ја доближам хемијата на најдобар можен начин. Дамјан се истакнуваше по заинтересираноста, посветеноста и желбата да научи повеќе. Воедно е и многу одговорен и добро воспитан. Затоа го избрав да го претставува нашето училиште на натпреварите. На општинските и регионалните натпревари во осмо и во деветто одделение освои прво место. Но најголем успех беше државниот натпревар во деветто одделение (2018/2019 г.) кога го освои првото место. Горда сум што имав ваков ученик - вели наставничката Поповска.

Посебен придонес во развојот на Дамјан како млад хемичар даде и неговиот сегашен ментор, професорот Борис Маслинко од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, кој минатата учебна година и онлајн и во живо му помагаше да се подготви за натпреварот.



За што би му користела хемијата на човештвото денес?

- Секако дека хемијата има употреба надвор од кабинетите, во сите аспекти на животот. Но сега највлијателен начин на кој хемијата може да му помогне на човештвото е преку наоѓање еколошки алтернативи на веќе постојни хемиски процеси во сите индустрии, кои секојдневно масовно придонесуваат за глобалното затоплување - одговара Каранфиловски.
Експериментите се составен дел од хемијата, која како природна наука се занимава со проучување на структурата и својствата на материјата. За жал, во македонското образование често недостигаат услови за изведување експериментална настава, од типот на кабинети, правење обиди и слично.

Теориските знаења треба да се применат и експериментално

- Досега не сум се осмелил да помислам на мој хемиски експеримент, бидејќи не сум имал можност да го изведам тоа во рамките на моето државно образование. Но, секако планирам тоа да го сменам до крајот на моето средно образование. Сите четири години додека учам хемија, тоа е стриктно теоретски. И додека теоријата е екстремно важен дел од хемијата, сепак, треба да се примени и експерименталниот. Моментално се реновира гимназијата и се надевам дека ќе се обезбедат средства и за реновирање на хемиската лабораторија и дека во догледно време конечно ќе биде ставена во функција - вели младиот хемичар.

Има повеќе планови за студирање, но повеќето се поврзани со заминување во странство. Не верува дека ќе биде лесно да ја напушти државата, неговиот дом, местото каде што е пораснат, сакан, прифатен... Но, вели дека времето тече, а опциите во нашата држава не се ниту бројни ниту квалитетни.

- Додека имам целосна доверба дека наставниот кадар тука е квалитетен и квалификуван, реалноста е дека нема современ прибор, ниту напредна програма. Сакам да направам вистинска, значајна и глобална промена додека можам, но, за жал, мали се шансите дека тоа ќе го постигнам со ресурсите достапни во Македонија - вели Каранфиловски.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема