X
 10.10.2018 Живот

Без оглед на тоа колку сте возрасни или успешни, за нив сте само дете

Комуникацијата со постарите родители знае да биде заморна. Поради генерацискиот јаз, често има и конфликти и недоразбирања од различен вид.

Уметникот Александар Галитски со години работи со постари лица, учејќи ги како да прават скулптури од дрво или да сликаат. Ова се неговите правила за комуникација со постари лица, односно со родителите:

1. Не обидувајте се да ги промените

Кога бевме деца, нашите родители нè излудуваа со приказните за децата од соседството на кои „сите им се петки“ и кои ги слушаат своите родители.

Сега кога тие остареа, веројатно за да ги раздвижите, вие често кажувате реченици од овој тип: „Соседот секој ден шета, а ти цел ден седиш дома“.


Фото: Pixabay

Не обидувајте се да ги промените. Не можете да ги промените луѓето во тие години. Она што можеме е да ги прифатиме такви какви што се. Ако лицето е пушач во своите осумдесетти, тој веројатно не сака да се откаже од цигарите, без оглед на тоа што знае дека не се добри за него.

2. Не обвинувајте се себеси

Вината ни доаѓа на сите, порано или подоцна. Што и да се случи, секогаш во еден период од својот живот ќе се чувствувате како промашување: не сте го завршиле она што ве замолиле, сте им викале без потреба итн. Не обвинувајте се.

Секој од нас мора да води сметка за себе и да се опушти. Ако живеете за да им угодите на родителите, на крајот ќе се доведете во ситуација да ги обвинувате нив за своите неуспеси во животот.

Зошто не стапивте во брак? Зошто не родивте? Тоа не е одлука на вашите родители, туку ваша. Вие живејте го својот живот, а ним препуштете им го нивниот.

3. Не влегувајте во конфликт

Со постар родител често мора да постапувате како со мало дете - трпеливо. Никогаш не реагирајте на нивната агресија, повишен рон или навреденост. Ако реагирате, вие губите.

Сослушајте ги и обидете се да го решите нивниот проблем. Тоа е единствен начин на крајот да не се чувствувате виновни.


4. Не очекувајте комуникацијата да биде задоволство

Тие се нервозни, нерасположени и слично. Тие се само луѓе. Затоа, ако се лути, разговарајте со нив, немојте да ги штедите затоа што се стари.

Еве што би можеле да направите за да им помогнете на своите родители:

  • Покажете сочувство, но не и сожалување

Сочувството е многу важно, но немојте да се однесувате како тие да се беспомошни и кутри.

  • Бидете им потпирач

Никогаш не одете кај родителите за да се жалите или да лелекате. Секогаш имајте две приказни: една за нив и онаа вистинската. Бидејќи тие целиот свој живот ви го посветиле вам и на вашиот успех, ќе им биде многу тешко ако не сте задоволни.

Далеку од тоа дека би требало да ги лажете, но вие сте млади и поспособни од нив. Тие толку години биле ваш потпирач, сега вие бидете нивни.

  • Простувајте

Многу е важно да научите да заборавате на минатото. Ако денес не му простите на својот татко или на својата мајка, утре можеби ќе биде доцна. Мораме да бидеме доволно силни за да простиме и да почнеме од почеток.

Секогаш имајте на ум дека тие ве имаат само вас и дека без оглед на тоа колку сте возрасни или успешни, за нив сте само дете.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот