X
 10.10.2020 Наука

Постоел друг универзум пред нашиот, вели добитникот на Нобеловата награда за физика

Пред Големата експлозија постоел друг универзум, а доказите за неговото постоење може да се забележат во црните дупки, вели Роџер Пенроуз, добитник на годинашната Нобелова награда за физика. Пенроуз го изјавил ова по доделувањето на наградата за неговите достигнувања во општата теорија за релативноста на Алберт Ајнштајн и доказот за постоење црни дупки.

Според Пенроуз, необјаснивите точки на електромагнетно зрачење на небото, познати како Хокингови точки, се остатоци од претходниот универзум. Како што објаснува тој, овие точки се резултат на последното исфрлање на енергијата наречено Хокингово зрачење и се пренесени преку црните дупки од постариот универзум.

Црните дупки се делови од вселената со толкава гравитациска сила, што дури ниту светлината не може да избега. Таков настан можеби се случува во центарот на нашата галаксија. Другите добитници на Нобеловата награда за физика, Рајнхард Гензел и Андреа Гез, нудат докази за огромна црна дупка во центарот на Млечниот Пат.


Фото: Pixabay

Постои можност испарувањето на црните дупки да трае подолго од постоењето на нашиот моментален универзум и затоа не може да се открие.

- Големата експлозија не била почетокот. Имало нешто пред Големата експлозија и тоа е нешто што ќе го имаме во нашата иднина - изјавил Пенроуз.

Според него, таканаречените Хокингови точки имаат дијаметар околу осум пати поголем од оној на Месечината. Тој вели дека има добри докази за постоењето на барем шест вакви точки. Сепак, постоењето на зрачењето од овие црни дупки уште не е потврдено.

Автор: Адам Смит
Извор: independent.co.uk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука