X
 10.10.2022 Образование

Јан Стојановски го освои првото злато за Македонија на Олимпијада по физика

Златен, сребрен, бронзен медал и пофалница се плодовите што ги собраа македонските средношколци кои учествуваа на 4. Балканска олимпијада по физика, соопштија од Друштвото на физичарите на Македонија.

Оттаму истакнаа дека Јан Стојановски, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, освоил златен медал; Матеј Гелев, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, освоил сребрен медал; Емилија Николовска, ученичка во трета година во Математичко-информатичка гимназија во Скопје, освоила бронзен медал и специјална награда за најдобар постигнат резултат на Олимпијадата во конкуренција на натпреварувачки и Матеа Митревска, ученичка во втора година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, добила награда за успешно учество (пофалница).

Олимпијадата се одржала во хибриден формат. Домаќин на Олимпијадата било Друштвото на физичарите на Кипар, а локален организатор Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) и Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

- Ваквиот успех на средношколците од Македонија е најголем успех на една олимпијада имајќи го предвид фактот што првпат од учеството на ученици од независна Македонија на меѓународните олимпијади ученикот Јан Стојановски освои златен медал. Овој успех на учениците се должи исклучиво на личното залагање и труд од нивна страна, како и залагањето и подготовката која ја прават неколку асистенти и професори од Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје – членови на Друштвото на физичарите на Република Македонија, користејќи го слободното време и знаење за што поголема подготовка на нашите идни физичари и промоција на физиката во Македонија. Големо е задоволството што можеме да покажеме дека достојно можеме да се носиме и да се натпреваруваме со држави каде што многу се вложува во образованието по физика и кои се многу пати поголеми од нас - истакнаа од Друштвото на физичари.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование